Груевски: Изградба на пет експресни патишта е предвидена за 2016

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска изјави дека изградбата на предвидените патишта е во различна фаза.

Имено, за оваа година е предвидена изградба на пет експресни патишта: Штип-Радовиш, Штип-Кочани, Ранковце-Крива Паланка, Прилеп-Градско и Охрид-Пештани.

– Три од нив се во фаза на тендерска постапка, објавен е тендерот, се бара изведувач. Сите заинтересирани изведувачи ќе поднесат свои понуди, за некој месец тој процес ќе заврши и ќе се избере изведувач и ќе почне градбата. Во таква фаза се патот Штип-Кочани, Штип-Радовиш и Крива Паланка-Ранковце, рече Груевски.

Потенцира дека за нивна изградба се обезбедени финансиски средства.

Тендерот за изградба на експресниот пат Прилеп-Градско е веќе завршен и, како што рече Груевски, прашање на време е кога ќе почне да се гради.

– Останува патот Охрид-Пештани, за којшто се уште се во подготовка одредени работи каде што имаме забавување поради проблеми поврзани со разни барања и услови поврзани со животната средина. Кога тие прашања ќе се завршат тогаш ќе почне и тендерската постапка и изградбата на тој пат, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. И за експресниот пат Охрид-Пештани исто така се обезбедени финансиски средства.

Груевски денеска заедно со министерот за транспрот и врски и градоначалниците на Скопје и на општина Ѓорче Петров, Коце Трајановски и Сокол Митревски беше во посета на општина Ѓорче Петров и на средби со граѓани.