Груевски: Изградбата на ПЕТ – Центарот напредува, објектот готов во февруари

Изградбата на ПЕТ-Центарот добро напредува и очекуваме дека објектот навреме ќе биде завршен, а тоа е некаде кон средината на февруари наредната година, истакна премиерот Никола Груевски кој заедно со министерот за здравство Никола Тодоров направи увид во градежните работи за изградба на објектот.

Премиерот потенцираше дека се работи за специфична градба и затоа истата е под целосно водство во смисла на совети, но и надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија. Тој додаде дека има специфични елементи, специфична градба, големи количини бетон, арматура, железо. Сите простории се направени согласно најсовремените стандарди во оваа област кои ги препорачува Меѓународната агенција за атомска енергија, рече Груевски.

Напомена и дека ова е исклучително значаен објект, затоа што во него практично ќе се врши дијагностицирање и пронаоѓање на секоја малигна клетка во телото, вклучувајќи ги и рецидивите, односно метастазите.

– Со инјектирање на одреден супстрат во вената на пациентот практично и со негово подложување на снимање на апарат ќе се види секоја дури и најмала малигна клетка во телото или нејзини рецидив, посочи Груевски.

Тоа е метода, појасни премиерот, која што е најсовремена, која што поретко ја има во државите и која што Македонија ќе ја добие некаде до средината на февруари кога договорот предвидува објектот да биде завршен.

– Очекуваме дека објектот навреме ќе биде завршен, а тоа е некаде кон средината на февруари, истакна Груевски.

Државата во објектот, посочи премиерот, вложува 6 милиони евра за градба и 6 милиони евра за опрема, плус имаме милион до два донација од различни меѓународни институции во одредени апарати, така што станува збор за објект што чини приближно 14 милиони евра, од кои 12 милиони евра ги вложува државата.

– Центарот ќе биде погоден да го користат и други држави во регионот кои немаат вакви центри и на тој начин ќе остварува и дополнителни приходи кои понатаму ќе ги вложува во понатамошен развој на овој центар, додаде премиерот Груевски.