Груевски изрази оптимизам за повеќе нови инвестиции

Премиерот Никола Груевски денеска истакна дека во континуитет се работи на привлекување на нови странски инвестиции во земјава.

Тој при гостувањето во вестите на Канал5 најави дека во наредниот период се очекуваат нови странски инвестиции, како и вработување на нови 10 илјади работници.

– Има компанија која сака во првите неколку месеци од идната година да инвестира во Источна Македонија. Ова е  една поголема инвестиција. Компанијата дури размислува и во една од зоните да ги купат сите парцели и да изградат повеќе погони. Ме радува тоа што има дисперзитет кога станува збор за инвестициите, рече Груевски.

Тој додаде дека при самиот финиш е инвестиција на компанија во Северозападна Македонија, која ќе донесе 2.500 нови работни места.

-Очекуваме ВЕИБО наскоро да ја почне градбата на фабриката. ВЕИБО веќе во Ранковце започна со средување на самиот терен и тоа го прават мошне брзо, веќе има механизација во зоната во Ранковце. Тие сега се во фаза, со целосна градежна механизација го подготвуваат теренот, за после да ги градат фабриките и да почнат да вработуваат луѓе, околу 5.600 луѓе треба да се вработат таму. Кол-центри се најавени , кои вработуваат по 500, 1000, па и до 2000 луѓе. Продолжуваме со силно, со жестоко темпо за решавање на еден од клучните проблеми во Македонија, невработеноста. Сакаме да опстоиме со сите добри  аргументи  кои ќе ги чуеме и превземеме во настојувањето на сите овие други процеси кои се одвиваат. Не би сакал еден ден да се изгради зграда која ќе падне затоа што ја изградил градежен инженер кој си ја купил дипломата, рече Груевски.