Груевски ја најави новата програма со 2046 проекти

На митингот што утре ќе се одржи во Скопје ќе биде промовирана новата програма на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, најави премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски вечерва од митингот во Куманово.

Груевски истакна дека изминатиов период, на барање на СДСМ се направиле низа измени во Законот за избори. Нејасни елементи и глупости влегоа во законот само за да ги удоволиме опозиционерите и да не зборат дека изборите не биле онакви како што треба да бидат.

„Се’ им прифативме. Затоа изминативе денови молчиме, не зборуваме ништо конкретно за она што ќе го понудиме за Македонија за наредните четири години. Но, драги пријатели, не делат уште 24 часа кога утревечер на скопскиот плоштад ќе ја промовираме новата програма за наредните четири години.  Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“. Само уште 24 часа и народот ќе може да види какви сериозни и крупни проекти се планираат за наредните 4 години. Нови 2046 проекти во програмата ќе можете да ги видите од утре па натаму.  Од утре ќе почнеме да разговараме со конкретни работи, со конкретни дела. Тука е нашата сила. Тука е нашата моќЕ, рече Груевски.

Тој истакна дека со СДСМ се разликуваат во најмалку 2 работи- дадениот збор и квалитетот на програмата за развој на Македонија.

„Тешко се стекнува доверба, а лесно се губи. Затоа програмата ја подготвувавме многу внимателно. Со пресметки, многу собрани луѓе, експерти. Собиравме многу идеи од сите страни, од граѓани, од експерти од Македонија и странство. По многу анализи ја составивме  таа програма со 2046 проекти за граѓаните на Република Македонија. Ние  знаеме дека најголем проблем во Македонија е економијата и невработеноста. На тоа сме најмногу насочени и до сега и ќе останеме најмногу фокусирани во идниот период“, рече Груевски.

Тој оваа програма ја најави како најдобра и најквалитетна програма промовирана било кога досега во Македонија. Рече, СДСМ никогаш немале програма, па мора да се споредуваме со нашите.