Груевски ја посети компанијата „Рудине“ во Делчево

Компанијата „Рудине“ од Делчево успева да се развива и да станува конкурентна на македонскиот, особено на европскиот пазар, благодарение на добрата бизнис-клима, ниските даноци, ИПАРД-Програмата и добрата соработка со надлежните институции, му посочија на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски претставници на компанијата.

„Рудине“, која има искористено околу еден милион и 600 илјади евра преку ИПАРД-Програмата, опфаќа ладилник за обработка на овошје и зеленчук, а има подигнато и овошни насади на државно земјоделско земјиште под закуп од 300 хектари со над 200 вработени.

Компанијата произведува и млеко и млечни продукти. Груевски на раководството му го пренесе барањето на кооперантите – производители од село Град да се зголеми откупната цена на млекото зашто сегашната од 17 денари за литар млеко според нив е ниска.  Од тимот на „Рудине“ посочиле дека цената ја диктираат движењата на странските берзи, но дека ќе ја разгледаат можноста за зголемување.

– Разговарав доколку може да размислат за зголемување на цената на млекото за оние кај коишто е најниска затоа што тие се нивни кооперанти  и добро е тие да се задоволни. Тие го знаат тоа и одговорија дека ќе ги разгледаат можностите, изјави Груевски.

„Рудине“ е еден од поголемите работодавачи во делчевскиот регион кој откупува млеко и произведува млечни производи и извезува на европските најконкурентни пазари.

Од сопствениците Груевски беше информиран дека немаат никакви проблеми со државата која им овозможува исклучително ниски даноци како никаде во Европа и со тоа тие  имаат можност за понатамошен развој.

– Компанијата е во фаза на обнова на својата опрема и за тоа има искористено доста средства од ИПАРД-Програмата што ја овозможува оваа Влада, така што досега двапати имаат искористено средства, а како што рече сопственикот, планираат и трет проект со кој ќе инвестираат во својата компанија и ќе имаат поддршка повторно од ИПАРД-Програмата, изјави Груевски.

Тој нагласи дека Владата и МЗШВ се отворени за сите компании да им помогнат кога имаат добри конкурентни и прифатливи проекти согласно со прописите, за да може да искористат дел од средствата од ИПАРД.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски истакна дека како политичка структура која е најмногу заинтересирана за создавање добри услови за правење бизнис и понатаму ќе продолжат да работат на создавање колку што е можно подобри услови за компаниите во Македонија.