Груевски ја посети женската болница во Ливерпул, договорена е соработка-лекари ќе се обучуваат таму

Во рамките на посетата на Велика Британија, претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски денеска, како дел од заложбите на Владата за остварување на соработка со врвни медицински центри од повеќе специјалистички области, ја посети Гинеколошката болница во Ливерпул.

DSC_0618

При посетата беше постигната согласност од страна на медицинскиот центар за обука на наши лекари во оваа болница.

Премиерот Груевски истакна дека Гинеколошката болница во Ливерпул е најголемата од тој вид во Англија, а воедно и најголема во Европа. Тој посочи дека се работи за врвен медицински и научен центар кој врши сериозни анализи и научни истражувања и токму затоа се договори соработка  за испраќање на македонски лекари во болницата во Ливерпул со цел изучување на најсовремените медицински методи. Во втората фаза се предвидува и доаѓање на доктори од болницата во Ливерпул во Македонија со цел да го пренесат своето знаење на македонските колеги.

DSC_0666

Директорот на Гинеколошката болница во Ливерпул Мишел Турнер истакна дека болницата е една од најголемите и најреномираните во својата област и има одлична репутација. Таа посочи дека еден од водечките принципи на болницата е да се поддржат државите кои посветуваат внимание на развивање на гинеколошките процедури. Турнер посочи дека болницата која ја раководи во иднина ќе соработува и ќе помогне на Македонија во развивањето на медицински процедури преку обука на доктори и останат медицински персонал.

DSC_0632

Менаџментот на болницата го запозна премиерот Груевски со перформансите на Гинеколошката болница чиј значаен дел од интересот на работа е примена на најсовремените методи за лекување и развој на медицинската наука во сферата на гинекологијата. Во болницата годишно се пораѓаат над 8 000 бебиња и се изведуваат над 10 000 гинеколошки процедури и операции. Неонаталошкиот оддел е еден од најдобрите во Велика Британија, а се вршат по 6 инвитро процедури дневно. Оваа болница поседува врвна лабораторија за генетски истражувања. За сите овие области се планира испраќање на доктори за усовршување.