Груевски: Ја соопштив вистината за случувањата во Македонија

Европските политички лидери во рамки на Европската народна партија, на денешниот партиски Самит во Брисел, лично од премиерот Никола Груевски беа запознаени со, како што рече, вистината за случувањата во Македонија.

Самитот на најголемата и најбројна партија во Европскиот парламент, на кој присуствуваа и европската лидерска двојка Жан-Клод Јункер и Доналд Туск, германската канцеларка Ангела Меркел, унгарскиот премиер Виктор Орбан, Никола Саркози и други, премиерот Груевски го искористи за неколку неформални средби со присутните од европската политичка елита.

-Имав можност неформално да поразговарам со голем дел од присутните. Темата на Самитот беше поврзана со проблемите што Унијата ги има поврзани со Украина, со финансиските состојби, па и политичките во Грција визави Монетарната унија и слично. Исто така теми поврзани со случувањата во Европска Унија, меѓутоа на маргините на Самитот имав можност со неколкумина да поразговарам и да им ги пренесам информациите од Македонија, она што се случува, она што е вистина и нашите очекувања и намери за понатаму, истакна Груевски по Самитот на ЕПП.

Груевски потенцираше дека на денешниот Самит, меѓу другите, имал можност да се види и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, со кого накусо поразговарале за актуелната ситуација и можните идни чекори.

-Беше корисно да се биде тука, не само да се следат европските текови и случувања во врска со покрупните проблеми во Европа, туку и да се искористи можноста да се промовира нашата држава, да се испратат пораки и информации, да се кажат детали што тука не ги знаат, не ги примиле како информации за да се расчистат работите, додаде претседателот на македонската Влада.

3500grunnamed

Инаку, претпладнево, Груевски во Брисел оствари средба со првиот човек на најголемата Европска народна партија (ЕПП), Жозеф Дол, на кој претседателот на ЕПП даде силна поддршка на Република Македонија и посочи дека очекува враќање на македонската опозиција во Собранието.

Дол на Груевски му ја истакнал важноста од продолжување на реформскиот процес во Македонија и ветил личен ангажман за поддршка и помош на Република Македонија во напредување во нејзините европски интеграции.