Груевски: Ќе инвестираме 128 милиони евра во нов Клинички центар

центар

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски соопшти неколку проекти во програмата кои се предвидени за Аеродром – изградба на затворен пливачки базен со ватерполо димензии, нова гимназија, нов објект за основното училиште „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, реконструкција на другите училишта во општината (за што се планирани над 50 милиони денари), спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче, четири нови градинки, нов парк – инвестиција на а.д. ЕЛЕМ  од 25 хектари кој ќе биде втор по големина по Градскиот парк во Скопје, дневен центар за деца со пречки во развојот, приватен дом за повозрасни лица, изградба на 35 станови кај Реонски центар во вредност од 1,6 милиони евра, и 48 станови во вредност од 148 милиони денари наменети за комерцијална продажба, асфалтирање улици, изградба на едно повеќенаменско и на пет баскет-игралишта, рурална развојна зона во Долно Лисиче…

Груевски очекува, како што рече, граѓаните да оценат и разликуваат тоа што им го нуди неговата партија и она што го нуди Зоран Заев. За неговиот опонент рече дека „прифатил неславна улога во историјата“ да го раскара и закрви народот и да спроведува сценарио на манипулации и деструкција, воден од желбата за власт, заобиколувајќи ја, како што рече, волјата на граѓаните, на штета на сопствената држава.

Само со освојување 63 пратеници во Парламентот за нашата коалиција ќе се обезбедат сигурност и нема да не направат зависни и уценети од никого…. Нашата програма со над 500 страници е најобемна и најконкретна и го прави животот подобар. Најсилни сме со решавањето на проблемите на граѓаните, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека отвориле 160.000 работни места, а 39.000 од нив се во последните две години т.е. во времето на политичката криза во државата.

Груевски наброи и други капитални проекти  во новата програма, меѓу нив е проектот за нов Клинички центар за кој  (за објект и опрема) се предвидени 128 милиони евра во наредните три години. Предвидени се и нови 140 градинки, изградба на гасоводен систем, субвенции за набавка на електрични возила и набавка на автобуси на електричен погон, 18 нови училишта, зголемување на платите, пензиите, социјалната помош…

На митингот се обрати Никола Попоски, носител на листата во Изборната единица 1 на Коалицијата „За подобра Македонија“. Тој ги  повика аеродромци на денот на изборите да пратат порака дека нема да дозволат никој да им ја крои нивната судбина и судбината на Република Македонија. Рече дека ќе ги издржат сите напади и ќе излезат посилни од опозицијата која, рече тој, го продава националниот интерес и го мери успехот по тоа што ја понижува Македонија.

Вие и вашиот глас определува во каква Македонија ќе живееме и во какви услови. Нема да биде лесна битката, нема да заврши брзо и нема да биде последна, но како ќе ги поставиме сега работите, во тој правец ќе оди државата. Затоа ни треба вашата поддршка. Доколку сите стоиме заедно, никој нема да им наштети на нашите национални интереси, рече Попоски.

На митингот се обратија и кандидатите за пратеници во Собранието на РМ кои се жители на Аеродром, како и претставници од две партии здружени во Коалицијата „За подобра Македонија“ – Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија на Македонија.  Во говорите тие ја осудија понудата на опозицијата, сметаат дека е против интересите на сите граѓани што живеат во Република Македонија. Гласот за „За подобра Македонија“ на 11 декември, рекоа тие, значи глас за суверена и унитарна Македонија