среда, 7 декември 2016  |  Вести денес: 8

Груевски: Ќе продолжиме да ја намалуваме невработеноста и покрај наметнатата криза од СДСМ

nikola

Последни вести

Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа во 4-тата Изборна единица на Коалицијата „За подобра Македонија“ во Македонски Брод ги наброја досегашните реализирани и идните проекти кои ќе ги реализира владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

-Ние имаме уште многу нови проекти кои ќе ги реализираме и вие знаете дека тоа се реални работи кои ќе ги оствариме и се одговор на она што му треба на граѓанинот. Прецизно е мерено и дефинирано се во програмата и е ветено само тоа за што сме сигурни дека и можеме да го реализираме. Ние во наредниот мандат ќе направиме многу проекти, како што и досега во земјата правевме многу, многу проекти кои ги ветивме и ги реализиравме. Ние остваруваме, рече Груевски.

Владата предводена од ВМРО инвестираше во овие години 1 милијарда и 55 милиони евра, средства за поддршка за македонското земјоделие во десетгодишниот период.

-Дадовме под закуп околу 62 илјади хектари државно земјоделско земјиште на македонските земјоделци. Овозможивме набавка на нова земјоделска механизација по принципот 50/50. Македонските земјоделци на тој начин набавија над 2000 илјади трактори, над 7700 парчиња земјоделска механизација. Невработеноста која најмногу ја тишти Македонија ја затекнавме на рекордно ниво во Европа 38, 7 отсто, ја намаливме на 24 отсто и се уште ќе ја намалуваме. Кога дојдовме во Владата, Македонија во 2006 година  имаше се на се 560 илјади луѓе кои беа вработени од два милиони жители, рече Груевски.

Лидерот на ВМРО истакна дека и покрај тоа што минавме низ светската финансиска криза, која можеби е подзаборавена, но не беше лесен период, сепак успеавме да поминеме низ европската должничка криза, низ новите удари, новите закочувања на извозот, нови закочувања на инвестиции, сепак успеавме успешно да поминеме и минуваме низ домашната политичка криза создадена од СДСМ.

-И покрај тоа и покрај се, успеавме да отвориме нови 160 илјади работни места и сега не работат 560 илјади, туку во Агенцијата за вработување запишани се над 720 илјади вработени. Е тоа е разликата меѓу нас и СДСМ. Тоа е една од главните разлики меѓу нив и меѓу нас. Покажавме дека и во тешки времиња можеме да го остваруваме тоа што е најважно за граѓаните. Во последните две и пол години, време во кое што сме окупирани со политичката криза и хаосот што ни го прави СДСМ, само во овие две и пол години од тие 160 илјади, вработени се 39 илјади односно отворени се нови 39 илјади нови работни места, говореше Груевски.

Груевски јасно говореше дека е создаден систем што функционира и во добри и во лоши времиња, дека и во такви времиња не е лесно да убедите инвеститори да дојдат, да го ризикуваат својот капитал во земја во која има политичка криза.

-Мора да сте направиле нешто многу добро во земјата, што ќе ги привлече, што ќе ги донесе, што ќе ги осигура, што ќе им значи гаранција , дека нивниот капитал ќе биде сигурен, дека ќе се оплодува и дека се на стабилно тло во Република Македонија. Тоа не дошло случајно, тоа дојде после многу работа и многу подобрување на бизнис климата во Македонија. Светската банка не рангираше на 94-то место според добрата бизнис клима во 2006 година, денес на десетто место во светот, на петто место во Европа. Тоа е тоа што ги привлекува инвеститорите, создадовме држава со најниски даноци на планетата, најниски даноци во светот, и за странски и за домашни компании, за сите. Од земја која што важеше како земја со повисоки давачки, направивме држава број еден во светот според најниски даноци. Овозможивме и многу други работи, на граѓаните им овозможивме да решат еден проблем кој СДСМ никогаш не сакаше да го реши, луѓето низ годините се снаоѓале, граделе куќи да преживеат во едни тешки времиња на транзиција, овозможивме легализација на бесправно изградените објекти на територијата на цела Македонија, по едно евро од метар квадратен, овозможивме откуп на земјиштето по објект и дворното место исто така по едно евро метар квадратен, овозможивме стотици илјади граѓани и семејства да ги искористат овие мерки, давачките за увоз на автомобили драстично ги набавивме 280 илјади автомобили се увезоа потоа, многу луѓе за прв пат си набавија автомобил, некои ги заменија по 20-30 години старите фичовци и слично си купија нов автомобил, поволен но сепак многу подобар и побезбеден. Можеше и СДСМ да го направи тоа, но не го направеше, не го правеше затоа што најверојатно имаа некои други интереси, знаеме и ние дека бевме под притисок, но го направивме затоа што ние сме избрани од народот, од граѓаните и нему му помагаме да има подобар живот и подобри можности.

Откако е дојдено ВМРО десет пати досега се намалени цените на лековите на 4700 лекови, ги намалија цените на некои лекови 20-30 отсто, некаде за 5о или 60 отсто, на некои лекови дури за 90 отсто им се намалила цената.

-Обезбедивме здравствено осигурување за сите граѓани, цените на лековите во минатото постојано растеа. Дали некој од вас се сеќава да се намалила цена на лек во време на СДСМ? Нема такво нешто. Откако е дојдено ВМРО десет пати ги намалуваме цените на лековите на 4700 лекови, се намалија цените некаде 20-30 отсто, некаде за 5- или 60 отсто, на некои дури за 90 отсто им се намали цената. И фирмите што ги продаваат се уште си работат, си имаат нормален профит, вработените си се таму, без намали плати. Што значи имало екстра профити, некој имал интерес Македонија да нема никаква контрола во цените на лековите. Народот плаќал од џеб, болните морале и плаќале. Пресметавме и видовме дека 33 милиони евра е заштедата за граѓаните откако се намалени цените на лековите годишно. Значи секоја година со ова намалување на цените на лековите 33 милини евра наместо по џебовите на фармацевтските олигарси блиски до СДСМ, одат во џебовите на граѓаните, односно остануваат во џебовите на граѓаните. Овозможивме да се отворат вкупно 67 аптеки, аптекарски станици во 38 општини, го подобривме системот за примарна здравствена заштита во руралните области и за навремено обезбедување на потребната терапија, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Со проектот „Еднократен отпис на долгови“ ВМРО помогна да се отпишат долгови на околу 15 илјади семејства од социјално ранливите категории во износ од 30 милиони евра, како нивен одговор на европската и светската криза.

Најчитани вести