Груевски: Со кинеска поддршка во Македонија се градат два автопати

Груевски: Со кинеска поддршка во Македонија се градат два автопати
Груевски: Со кинеска поддршка во Македонија се градат два автопати

Македонија е прва земја која започна да ги користи кредитните линии на Кина, а со тие средства во моментов се градат два автопати во државата.

Во интервју за најтиражниот азиски весник China Daily, премиерот Никола Груевски истакнува дека посетата ја гледа како добра шанса за Македонија да ги засили односите со Кина и да понуди повеќе идеи и конкретни проекти кои ќе резултираат со позитивен развој на настаните за двете земји.

-Ние сме првата земја која отпочна да ги користи кредитните линии на Кина одредени за источните европски држави. Во моментов градиме два автопати во Македонија со поддршка од кинеската Ексим банка. Ова е позитивно искуство за нас, процедурите беа релативно брзи и се работи ефикасно. Во моментов се гради еден автопат во источниот дел на земјата, а еден во западниот дел. Има можности за многу нови проекти во иднината. Во минатото во Македонија се изгради една хидро централа, пред 5-6 години, што исто така беше позитивен пример на соработка. Ние имавме подготвени проекти и први од источна Европа потпишавме договор за да отпочнат проектите. Пред две години почнавме со подготовките, а пред една година со градење, рече Груевски.

Премиерот подвлече дека е воочливо оти комуникацијата и соработката со Кина, може да се одвива ефикасно, со проекти кои не се само празни зборови, кои никогаш не се реализираат, туку се нешто конкретно и од моментот на постигнувањето на договорот, реализацијата на проектот почнува бргу.