Груевски: Ќе ги победиме! Крајна цел ни е успешна Македонија!

На крај битката ние ќе ја добиеме, и тоа по истиот принцип по кој Касиус Клеј ги добиваше мечовите. Со нокдаун и тоа во ситуација во која противникот мисли дека овој само што не паднал, порача Груевски од Охрид.

-Јас сум во тоа сигурен и воопшто не е тоа прашање на дилема.Мене ми е јасно дека нашата база и нашите поддржувачи чекаат сигнал за да одговорат на сите провокации, на  агресијата, заканите кои доаѓаат од опозицијата. И знам дека едвај чекаат да дадат вмроски одговор, зашто се провокативни заканите од личности кои ако го видат можниот  ВМРОВСКИ одговор таков фитиљ ќе фатат, што и Папуа Нова Гвинеја ќе им се види блиску од што брзо ќе трчаат натаму. Но ние сме мудри и знаеме која ни е крајната цел. Крајна цел не ни се тие, крајната цел ни е стабилна, успешна Македонија! И за таа цел, вреди и да се истрпат овие што на глава ни се качуваат секој ден и во сопствената немоќ и фрустрации пробуваат да не испровоцираат. За Македонија вреди да се истрпи ова, рече Груевски.

И за крај, како што рече Груевски ако ве прашаат овие од СДСМ нешто за денешниот настан, кажете им:

-Дојде Никола Груевски во Охрид и ви порача, ќе ве победиме! Народот е со нас! Ќе ве победиме! Ќе ве победиме така јако, што нема да сте свесни што ви се задесило! И кога победата ќе дојде, нека не се плашат, нема да јадеме живи луѓе како што тие се фалат, ние нема да се светиме, и не се закануваме, како тие што прават или како што многумина сакаат, туку ќе ве погледнеме во очи и ќе ви кажеме ова е наша заедничка држава и ние работиме за неа. ВМРО-ДПМНЕ е вградено во темелите на оваа држава уште од своето основање и наша задача е да ја штитиме Македонија и нашиот народ, и сите граѓани кои живеат во неа, да работиме за доброто на државата и тоа ќе го правиме!, рече Груевски.