Груевски: Ќе им помогнеме на македонските компании да станат добавувачи на странски фирми во земјава

Наш следен предизвик е со ангажман на искусен консултант да создадеме услови да се зголеми бројот на македонски компании кои ќе бидат добавувачи и партнери на странските фирми во Македонија, истакна премиерот Никола Груевски на 15. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово.

-Таков одличен пример кој треба да се следи е компанијата Актива од Штип која од пред неколку недели изгради и отвори нова фабрика која ќе вработи 300 работници и ќе произведува исклучиво за инвеститорот од Белгија Ван Хул, кој произведува автобуси во Бунарџик. Дознав дека истата домашна фирма купила уште една локација веднаш до новоизградената фабрика. Ова мораме да го направиме помасовно низ Македонија, истакна премиерот.

Груевски посочи дека мора да им помогнат на домашните компании да се поврзат со мултинационалните кои веќе работат земјава и да смислат начин да произведуваат делови потребни за фабрики, со пониска цена, но со висок квалитет и на тој начин домашните фирми добавувачи да отворат дополнителни нови работни места.