Груевски ќе се сретне со Филе и Даниелсон

Во рамки на дводневната посета на Брисел претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска ќе се сретне со еврокомесарот за проширување Штефан Филе и директорот на Генералниот директорат за проширување на ЕУ Кристијан Даниелсон.

Груевски вчера во Брисел учествуваше на редовниот Самит на Европската народна партија, а оствари средба и со претседателот на ЕПП, Жозеф Дол, која е прва средба откако францускиот политичар е избран за претседател на ЕПП, иако претходно тие имале голем број средби.

Според македонскиот премиер, важноста од оваа средба е огромна со цел претседателот на најголемата политичка партија во Европа, која е и најбројна во Европскиот парламент, да биде во тек со настаните во Република Македонија, што е важно во очекувањето на неговата помош за одредени прашања.

На маргините на Самит на ЕПП, премиерот на Република Македонија имаше можност и лично да му честита на Жан-Клод Јункер за изборот на новиот состав на Европската комисија, а оствари и низа куси и неформални разговори со премиерката на Норвешка, Ерна Солберг, со унгарскиот премиер Виктор Орбан, со членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ. Претседателот на Владата на нашата земја, исто така се сретнал и со потпретседателот на ЕПП, Марио Давид и со шефот на пратеничката група на ЕПП во Европарламентот, Манфред Вебер.