Груевски: Конгресот на ЕПП можност за разговори со европски челници

Груевски: Конгресот на ЕПП можност за разговори со европски челници
Груевски: Конгресот на ЕПП можност за разговори со европски челници

Конгресот во Мадрид беше одлична можност да се слушнат интересни размислувања, информации, но и да се направат неформални разговори и средби со многумина кои се тука, а присутни се голем број на премиери, или кандидати за премиери и претседатели на политички партии од десницата, истакна премиерот Никола Груевски, објави МИА:

Истакна дека ја искористил можноста со многумина да поразговара на повеќе теми. Исто така, рече, бев присутен и на самитот овде на Европската народна партија кој што беше во рамките на конгресот на партијата на кој главна тема, освен другите прашања, беше мигрантската криза, на која имав излагање.

– Се осврнав на мигрантската криза од аспект на Македонија. Имаме хуман третман спрема нив, овозможувајки здравствена и друг вид на логистика, рече Груевски.

Посочи дека се осврнал и на политичката криза при што информирал дека е донесен Законот за специјалниот јавнен обвинител, дека е изгласан и специјалниот обвинител, а подвлекол дека сега фокусот е на работите поврзани со организирање на следните предвремени избори во Република Македонија.

– Информирав дека расположението во Македонија е такво да се очекува убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и дека јас тоа очекувам да се случи во април, истакна премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој побарал и поголема заложба и поддршка на членките на Европската народна партија за почнување на преговорите со ЕУ и членство во НАТО, истакнувајќи дека Македонија премногу чека и дека тоа нам ни прави штета.

Премиерот Никола Груевски, на маргините на конгресот во Мадрид организиран од Европската народна партија, имаше низа куси средби и разговори со повеќе европски политички лидери и политичари присутни на конгресот на ЕПП.

Тој оствари средби и разговори со премиерката на Норвешка Ерна Солберг, со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, со комесарот на ЕУ за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, со претседателот на ЕПП во Советот на Европа Педро Аграмунт, како и со Давид Мекалистер, европратеник од ЦДУ од Германија, со словенечкиот европратеник Алојз Петерле и со поранешниот премиер на Словенија Јанез Јанша.

Инаку, доцна синоќа во рамките на конгресот на ЕПП, Жозеф Дол беше резибран за претседател на ЕПП, со 96 отсто од гласовите.

Конгресот денеска продолжува со избор на потпретседатели, генерален секретар и благајник на ЕПП.