Груевски на средба со жителите на Криволак и Долни Дисан

Премиерот Никола Груевски во рамки на работната посета на општина Неготино денеска оствари средба со жителите на селата Криволак и Долни Дисан, изврши увид на градежните активности за изградба на пат за селото Криволак и ја посети компанијата „Ролопласт“.

На средбата со жителите на Криволак премиерот ги информираше дека денеска беше поставен камен темелник за изградба на индустриската зона „Неготино“ и за изградба на патот кој води до центарот на населеното место Криволак. За овој патен правец Груевски истакна дека Владата инвестира 20 милиони денари.

Тоа е наше ветување дадено по изборите, иако не беше ставено во нашата програма во изборната кампања. Се увиде потребата и итноста за проширување на тој пат затоа што патот е тесен и создава многу незгоди, загуба на човечки животи и слично и во текот на кампањата извршивме консултации и дадовме јавно ветување кое од пред еден месец и пол веќе се реализира. Почнато е проширувањето на патот од 3,8 на 5,5 метри што од локален ќе прерасне во регионален пат со сите потребни инфраструктурни работи што се поврзани со него како дренажа и се она што е потребно за да имаме нормален, добар и современ регионален пат за жителите од населеното место Криволак, но и за потребите на АРМ која често изведува вежби во тој крај, рече Груевски.

Жителите изразија благодарност за тоа што Владата излезе во пресрет на нивното барање за изградба на овој патен правец за кој Груевски вети дека до јуни ќе биде проширен и ќе достигнува ширина од 5,5 метри.

Со реализацијата на овој проект, според жителите, целосно ќе се исправат критичните точки на овој патен правец.

На средбата со Груевски жителите истакнаа повеќе проблеми со кои се соочуваат, меѓу кои и потребата за наводнување на регионот околу Криволак.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски ги информираше дека проектот за надминување на овој проблем е во водостопанските планови на Владата за што предвидено е да бидат инвестирани околу 100 милиони денари за овој регион. Подготовката со тендерската и проектната документација за реализација на проектот треба да почне во наредниот период.

При посетата на капацитетот „Ролопласт“, премиерот Груевски рече дека е единствен во Македонија по производот што го прави, ПВЦ производи за изработка на елементи за прозори и врати.

Фабриката работи успешно, ние го разгледавме производниот процес и разговаравме со сопственикот околу неговите идеи за подобрување на работењето на овој капацитет. Токму сега во овој процес на подготовка на новата програма за следните избори ќе извршиме подлабока анализа и доколку можеме да помогнеме ќе го направиме тоа, посочи Груевски.