Груевски: Квалитетот на образованието ќе остане приоритет за ВМРО-ДПМНЕ и Владата

Квалитетот на образованието во Република Македонија ќе остане приоритет за ВМРО-ДПМНЕ и Владата и во иднина, истакна премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во завршниот говор по неговиот реизбор за претседател на партијата на 15. Конгрес, што вчера и денеска се одржа во Куманово.

Во развиените, успешните држави, економски силни, со квалитетна и образована работна сила, нагласи Груевски, не се води никаква дискусија за тоа дали оценките на факултет треба да се добијат со учење или не. Посочи дека во таквите земји нема средношколски протести на кои во 21.век се бара матурскиот испит да не се полага електронски.

Осврнувајќи се на протестите на средношколците, Груевски изрази разочарување, пред се од оние родители кои застанаа зад своите деца поради спротивната политичка опција, а не поради убедувањето дека тие се во право.

Наша обврска и незавршена работа, појасни, е квалитетот на образованието.

– Затоа изразив разочарување не толку од учениците, туку од дел од нивните родители кој кусогледо застанаа зад децаата, демек да не им се мачат со математиката, а тоа што со вакви навики може да се мачат цел живот, не го гледаат. Уште на крај и виновни излеговме што сакаме да им обезбедиме поголеми шанси и поголем избор во животот. Уште повеќе ме разочараа родители кои ги подржаа протестите на децата, не поради тоа што сметаат дека е исправно нивното барање, туку поради тоа што се спротивна политичка опција од нас. Политичките спротиставености наспроти иднината на нивните деца, додаде Груевски