Груевски: луѓето кои ја окупираа СЈО се длабоко партиски мотивирани, да му помогнат на СДСМ, а да му наштетат на ВМРО-ДПМНЕ

Од авион се гледа дека овие луѓе, кои ја окупираа оваа институција, се длабоко партиски мотивирани да му помогнат на СДСМ, а да ѝ наштетат на ВМРО-ДПМНЕ. Во отсуство на докази против луѓето што им се цели, што им се цел на уништување и политичка елиминација, се обидуваат да изнудат лажни изјави на сведоци, се обидуваат со заплашувања и закани да обезбедат заштитни сведоци, луѓе кои најпрвин ќе ги преплашат, па ќе им понудат соработка, а за возврат нема да ги гонат, вели за СЈО лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во интервју за порталот Телеграф.мк.

Понатаму потенцира дека овие информации ги кажува од многу сведоштва на многу луѓе што од страна на СЈО ги повикале на разговор.

На некои од нив отворено им кажуваат дека целта им е некој политичар, и дека ако не прифатат да сведочат против него, а тоа значи лажно во случаите кога нема дело, ќе создадат ситуација со тоа што ќе ги набедат и обвинат самите нив.

За оваа екипа во СЈО, во немоќ да ги оправда парите што ги троши, се зборува дека има ултрависоки примања од по 2.500 до 3.000 евра месечни плати заедно со додатоците, во немоќ да му помогне на СДСМ преку наше оцрнување и бламирање пред јавноста, веќе го загуби компасот на своето дејствување, и целосно ја загуби и нашата доверба и довербата на мнозинството граѓани во земјата. Тие ја издевалвираа институцијата СЈО, вели Груевски.