ТОП,Македонија

Груевски: Македонија бележи одличен раст на економијата и намалување на невработеноста

Груевски: Македонија бележи одличен раст на економијата и намалување на невработеноста

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на новиот објект на Државниот архив и МВР во Куманово. Одговарајќи на новинарско прашање тој потенцира дека Македонија бележи одличен економски раст и намалување на невработеноста.

-Растот на индустриското производство во февруари од 15,2 отсто и намалувањето на бројот на невработените за 1,6 отсто покажува дека економијата и покрај политичката криза се движи во права насока, а доколку и во наредните месеци продолжи растот како во првите два месеца од годинава може да се очекува Македонија да оствари поголем економски раст од претходно проектираниот за 2016. година, рече Груевски.

Тој потенцира дека Македонија остварува одличен раст на економијата и покрај тоа што државата е под притисок на политичката криза.

– Растот на индустриското производство во февруари од 15,2 отсто е одличен податок и претставува најголем раст за последните пет години. Растот покажува дека има сериозно раздвижување на индустријата, а истовремено се објави дека и вработеноста во индустријата е зголемена за 1,6 отсто во споредба со истиот месец од минатата година, што значи дека работите во економијата се движат во одлична насока. И покрај тоа што државата е под притисок на политичката криза, сепак, добро поставените економски политики, преземените мерки од страна на Владата, реформите што беа направени, натамошните мерки што ќе следуваат придонесуваат да имаме одличен раст на економијата, изјави Груевски.

Нагласи дека според првичните податоци од првите два месеца од годинава и доколку во таа насока продолжат работите и во иднина не само што ќе се потврдат прогнозите за економскиот раст, туку е можно и остварување на поголем економски раст од проектираниот.

– Не би брзал со прогнозите, но секако имаме одличен старт. И во јануари и во февруари, а особено во февруари со раст од 15,2 отсто на индустриското производство и порастот на вработеноста во индустријата од 1,6 отсто укажуваат дека има сериозен и може да речеме долгорочен позитивен економски тренд. Сето тоа влијае на општата вработеност, рече Груевски.

Истакна дека во Куманово во 2006 година бројот на невработени лица изнесувал 30.500, а сега има 19.500 или за 11.000 помалку невработени.

– Тоа е сериозно намалување на бројот на невработени, но да не бидам погрешно разбран тоа е се уште висок број на невработени. Ние како политичка гарнитура ќе продолжиме во државните институции да спроведуваме натамошни реформи, мерки и чекори кои ќе влијаат на подобрување на бизнис климата и отворање нови компании, на натамошен раст на економијата, натамошен раст на индустриското производство со цел оние кои сега се се уште невработени да се вработат и да имаме уште поголемо намалување на невработеноста, рече Груевски.

Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ има план, визија и знае како тоа да го направи затоа што, како што потенцира, веќе успеале да го направат во минатите години.

– Ние сме тим ко веќе даде резултати и кој сега има одредено искуство кое ќе помогне за уште подобри резултати од оние што досега се направени, потенцира Груевски.