Македонија

Груевски: Македонија да биде следната локација на германските инвестиции

Груевски: Македонија да биде следната локација на германските инвестиции

Премиерот Никола Груевски, денеска во рамки на економскиот форум „Европа 20-20: Предизвици и реформи за стопанството и животната средина, ги повика германските инвеститори да ги разгледаат можностите на Македонија.

„Странските ивестиции имаат големо значење за македонската економија поради што како Влада сме подготвени да излеземе во пресрет и да ја обезбедиме севкупната поддршка за реализација на инвестициите“, рече Груевски.

Пред претставници на компании од Германската стопанска комора во Македонија и Европската бизнис асоцијација, премиерот, ги претстави актуелните економски прилики во Македонија.

Тој се фокусираше на преземените реформи за подобрување на бизнис-климата, очекувањата за состојбите во економијата и за резултатите од преземените активности.

„Македонија успеа да се наметне како земја од која на германскиот пазар се испраќаат производи со повисока технолошка вредност. Ова ја подобрува перцепцијата кај германските бизнисмени и претставува силен аргумент Македонија да биде следната локација за нивните инвестиции“, рече Груевски.

Премиерот потенцираше дека потврда за тоа се последните статистички податоци според кои Германија е најзначаен трговски партнер на Македонија со вкупна надворешна трговска размена од 1,4 милијарди евра во 2012 година.

„За периодот јануари – септември размената изнесува 1,2 милијарди евра што претставува раст од скоро 20 проценти споредено со истиот период лани. Извозот, како што посочи, во 2012 година изнесува 914 милиони евра и е скоро трипати поголем во однос на 2009 година“, појасни Груевски.

Владата постојано работи на подобрување на бизнис-климата, рече тој, со цел привлекување нови инвестиции и отворање работни места. Потврда за преземените реформи покрај од меѓународните финансиски институции, се конкретните инвестиции во државата како од германски, така и од останати компании од други држави. Особено е значајно, според македонскиот премиер, што некои од нив веќе реинвестираат, односно донеле одлука за втори инвестиции во Македонија.

Пред учесниците на економскиот форум Груевски потсети на поволностите за странските и домашните инвеститори во слободните економски зони, истакнувајќи дека за реализација на нивните инвестиции имаат постојана поддршка од македонската Влада која презема активности за стабилна макроекономска состојба.