Груевски: Македонија е кредибилен партнер во исполнувањето на мировните мисии

Премиерот Никола Груевски, денеска оствари средба со секретарот на Морнарицата на Соединетите Американски Држави, Реј Мабус.

Груевски и Мабус ги констатираа добрите односи меѓу двете држави, со осврт на одличната соработка која се одвива во рамките на НАТО мировните мисии, што го потврдува стратешкото пријателство со САД и континуираниот развој на меѓусебните односи.

Премиерот Груевски на средбата ги истакна реформите кои ги презема Владата на Република Македонија за унапредување на стандардите за реализација на европските интеграции и членството во НАТО кои претставуваат стратешка определба на нашата земја.

Груевски во разговорите со Секретарот на Морнарицата на САД ги посочи и мерките и вложувањата кои се реализираат во сферата на Министерството за одбрана со цел да се одржи високото ниво и квалитетот на македонските мировници кои во континуитет учествуваат во мисиите на НАТО.

Премиерот истакна дека Република Македонија е кредибилен партнер во исполнувањето на мировните мисии и особено придонесува во споделувањето на заедничките одговорности со земјите членки на НАТО. Тој додаде дека на тој план Македонија ја цени поддршката со која Соединетите Американски Држави придонесуваат во процесот на реформите и поддршката која ја добиваме во исполнување на НАТО стандардите.

Секретарот на Морнарицата на САД, Реј Мабус позитивно ја оцени соработката на двете земји во рамките на НАТО, и особениот придонес кој Република Македонија го дава во рамките на меѓународните мировни мисии, и кој нашите мировници го имаат во активностите на НАТО Алијансата.