Груевски: Македонија има добра бизнис клима потврдена од меѓународните организации

Тој им порача дека во Македонија ќе најдат интересни услови за правење бизнис

Премиерот Никола Груевски ги претстави условите за инвестирање во Македонија пред повеќе од 40 претставници на компании присутни на денешниот бизнис форум во организација на министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлевски и Европската стопанска комора на Централна и Источна ЕВропа.

 

Тој им порача дека во Македонија ќе најдат интересни услови за правење бизнис.

 

„Македонија има добра бизнис клима потврдена од меѓународните организации според Светска банка односно Дуинг Бизнис ние сме на високо 25-то место од 180 држави како резултат на реформите на Форбс листата сме од 82 на 37 место. На Транспаренси интернешнл имаме скок од 38 места“, изјави премиерот и додаде дека Македонија е стигната до овој степен преку крушните реформи кои што се направени изминативе неколку години а како резултат на тоа е привлекување на значајни инвеститори од светот.

 

Како крупна реформа ја спомена регулаторната гилотина во рамките на која се укинаа, поевтинија неколку илјади бирократски процедури, а со тоа се подобрија законите и условите за инвестирање.

 

„Македонија е позната по најниските трошоци за правење бизнис во Европа. Овде би ги споменал нискиот данок на профит од 10 отсто“, изјави премиерот за поволната даночна политика која што ја води државата. Тој се осврна и на ниското задолжување на како земја, ниската инфлација и стабилната валута, како значаен сегмент за инвестирање во земјава го потенцираше формирањето на слободните економски зони, за кои што до 2015 година најави дека ќе бидат 14 на број. Дотогаш ќе се изградат уште осум нови.

 

Поволностите од градење на фабрики во овие зони се тоа што првите 10 години инвеститорите се ослободени од плаќање на данок на профит и персонален данок на доход. За репроматеријалите и суровините што се увезуваат за производство на производи кои се извезуваат не се плаќа ДДВ. Во овие зони инвеститорите има достап до целосно изградена инфраструктура, освен ниските трошоци за бизнис, премиерот изјави, дека во Македонија има образувана работна сила бидејќи Владата во последните неколку години спроведе голем број реформи во образованието.

 

Како знак дека се на вистинскиот пат да инвестираат во Македонија Груевски пред бизнисмените го истакна и фактот што некои од фабриките реинвестираат односно отворија и втора фабрика.