Груевски: Македонија ќе стане уште посилна, а Заев не го сака тоа

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски синоќа од митингот во Скопје најави дека покрај планираните над 2.000 проекти во владината Програма веќе е при крај изготвувањето цел пакет мерки и промени во неколку сфери кои, како што рече, треба да ги засилат и направат пофункционален системот за управување во оние сфери во кои самите си препознале слабости, но и оние кои ги адресирале добронамерните и пријателите на Македонија од меѓународната заедница.

Се трудиме, потенцира Груевски, пакетот да се донесе низ една нормална парламентарна дебата каде и опозицијата ќе учествува и тоа, рече, сигурно ќе ја направи Македонија посилна.

– Но, СДСМ и Заев не го сакаат тоа. Тоа не е нивната цел. Тие имаат други цели. И нивниот сценарист исто така не го интересира ова. Нашата цел е да го зајакнеме функционирањето на државата во секој поглед. Нивната е да дојдат на власт по која било цена, а на сценаристите е нешто трето. Но, погледнато од аголот на Заев да се опајташиш со странски служби, да си дозволиш да станеш нивна марионета тоа е многу срамно, потенцира Груевски.

Ние нема да му дозволиме на Заев, додаде, тоа што со години го градиме во економијата, да го срушат.

– Тоа што со години овој народ го чекаше за да види и ја почувствува својата посветла иднина, силниот тренд на инвестиции и нови градби на нови производни и услужни капацитети и фабрики, силниот ден на отворање нови работни места, планираните 63.000 нови работни места во четиригодишниот мандат, силниот тренд на раст на извозот кој годишно расте по 15 до 20 отсто, силниот тренд на инвестиции во инфраструктурата, патиштата, железницата, енергетиката, авиосообраќајот, здравството, образованието, силниот тренд на земјоделството, силниот тренд на реформи во многу области, како што се последните во новиот Закон за администрација или лани стапените на сила за судството, силниот тренд на градење на Македонија и раѓање на нова перспектива и надеж за подобра иднина на младите, но и на повозрасните нема да дозволиме тој човек и таа кукавичка група околу него, како и нивните сценаристи, да го срушат. Тоа нема да им го дозволиме, истакна Груевски.

Иако досега немаше посериозни штети по економијата, атмосферата, психолошката состојба и во земјата и во окружувањето, а поврзано со Македонија, сепак, рече има вознемиреност кај странските инвеститори.

– Веќе по терористичкиот напад, засолен од заканите на Заев дека ќе паѓало крв по улиците и слични очајнички интриги, почна да и прави проблем на македонската економија, особено во делот на нарачките, што значи во делот на извозот, што ако продолжи ќе се рефлектира на дел од работните места. Се јави вознемиреност кај странските инвеститори, како кај постоечките, така и кај оние во доаѓање, рече Груевски.

Тој им се обрати и на странските и на домашните инвеститори притоа порачувајќи им дека Македонија нема потенцијал за конфликт и за дестабилизација затоа што народот не го сака тоа.

– Народот, сите етнички заедници сакаат мир и просперитет. Тоа се покажа за време на терористичкиот напад кога и покрај многуте апели на терористите да добијат помош никој не ги поддржа и народот покажа дека тоа не беше меѓуетничка битка, туку пресметка на полицијата со класична криминално-терористичка банда која веќе е совладана. И ова што очајнички и кукавачки го прави Заев ќе заврши и земјата ќе продолжи со чекорење напред, рече Груевски.

Според него, незамисливо е Македонија да има премиер и политичка гарнитура која, како што рече, на власт ги донела странска разузнавачка служба, која ги имала и неговите телефонски разговори и разговорите на цела таа гарнитура околу него.

– Колку независен ќе биде тој премиер кога знае, како што него го користеле за вакво сценарио можат и друг да најдат за истото сценарио против него и против нив. Тој нема да биде ништо друго освен премиер послушник и вазал. Тој нема да биде премиер на граѓаните на Македонија, туку премиер на некои други центри. Македонија нема да си дозволи таков премиер и такво раководство кое стои зад таков човек и кој е поддржуван на таков начин на доаѓање на власт, порача Груевски.

Додаде дека кога минатата недела го повикале на лидерската средба за отпочнување дијалог срамно изјавил оти додека бил во судска постапка немало да учествува на дијалог.

– Тој свесно влезе во незаконски, нечесни и криминални игри, а сега залог за неговиот спас ја става цела Македонија, рече Груевски.

Потенцира дека го замолиле да дозволи неколкучасовно дислоцирање на луѓето кои демонстрираат во негово име пред Владата, за да може вечерашниот митинг да се одржи таму, но тој не дозволил бидејќи се плашел дека јавноста полесно ќе процени која страна има поголема поддршка.

И покрај сценариото кое се одвива веќе неколку месеци,  рече Груевски, Европската комисија ја објави пролетната прогноза дека Македонија која во 2013 и во 2014 имаше втор највисок раст на економијата во Европа, оваа 2015 и следната 2016 година ќе има не втор, туку највисок економски раст во Европа и оваа и следната година.

Тоа, додаде, значи и многу инвестиции и многу нови работни места, и многу повисок извоз и многу посилен туризам.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.