Груевски: Македонија наскоро со дистрибутивна мрежа за природен гас, достапен за компаниите и домаќинставата

Ова го истакна денес лидерот на владејачката партија Никола Груевски, на настанот за промоција на нови мерки.

Груевски истакна дека според сите анализи на сите здравствени организации, вклучително и Светската здравствена организација посочуваат дека еден од основните предизвици претставува борбата против загадувањето. Притоа сите овие релевантни организации без исклучок истакнуваат дека нема брзи решенија и освен индивидуалната свест и грижа потребна е и системска поддршка.

-Кога станува збор за Македонија, а особено изразено во поголемите градови првите два најчести причинители за загаденоста на воздухот се прво, затоплувањето на домовите со дрва, а со тоа и директното испуштање на најштетните материи во воздухот, што е особено видливо и се чувствува за време на доцниот есенски и зимскиот период. Тука статистиките покажуваат дека дури и до 70% од вкупното загадување на воздухот потекнува од загревањето на домовите и втор масовен причинител за загадувањето на воздухот е предизвикано од автомобилите. Индустријата е третиот загадувач на воздухот во Македонија.  Во тој дел под притисок на државата најголемите загадувачите веќе инвестираа во современа еколошка опрема и ги задоволија меѓународните стандарди. Последниот кој се уште е во тек со инвестицијата е Југохром од Јегуновце, чија инвестиција  се очекува целосно да заврши следната година и е во тек, рече Груевски.

Зголемениот број на автомобили значи и зголемено загадување, нешто што како предизвик веќе го има и секој град во Република Македонија, исто како и секој друг град во Европа.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека изложеноста на аерозагадувањето е поврзана со бројни ефекти врз човековото здравје вклучувајќи нарушувања на белите дробови, срцето, крвните садови и нервниот систем. Некои од хроничните ефекти се намален капацитет на белите дробови и карцином на белите дробови како резултат од долготрајна изложеност на токсични загадувачки супстанци во воздухот. Тука особено штетно влијание имаат азотните честички и јаглеродот монокосид кој придонесува и за создавање на ПМ 10 честичките.

-Прашањето е што превземаме ние како политичка гарнитура одговорна спрема граѓаните. Што се однесува за првата причина, за загадување на воздухот преку греење на дрва, паралелно се одвиваат два процеси. Првиот е гасификацијата. Во однос на примарната гасификација, која е носење гас, со цевковод од еден до друг град, минатиот месец започна изградбата на втората делница од националната гасоводна мрежа од Штип до Неготино во должина од 36 километри која треба да заврши следната година. За неа се инвестираат околу 16 милиони евра. Гасоводната мрежа Штип – Неготино се надоврзува на гасоводот Клечовце/Куманово – Штип чија изградба во должина од 61 километар заврши пред два месеци, а беа инвестирани 75 милиони долари. Паралелно со изградбата на оваа делница скоро, во следните 2-3 месеци се очекува да започне и изградбата на гасоводните делници Неготино/Кавадарци – Прилеп – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар со што ќе се заокружи првата фаза од изградбата на националната гасоводна мрежа, рече Груевски.

Тој потенцира дека во однос на носењето на гасот до домаќинствата, односно градење на разгранета мрежа на цевковод за гас внатре низ секој одделен град, т.н. секундарна гасификација, наскоро почнува изградбата на дистрибутивна мрежа со која природниот гас ќе биде достапен за граѓаните и компаниите. Скоро ќе биде објавен јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани фирми кои во партнерство со државата ќе се вклучат во секундарната гасификација.

-Придобивка од гасификацијата, освен намалување на загадување на воздухот е заштеда на буџетот на оние кои го користат и тоа за 7% поевтинување за оние кои се греат на дрво, поевтинување за 35% за оние кои сега се греат на струја и поевтинување за над 50% за оние кои користат друг вид на течни и тврди нафтени горива. Примарната гасификација ќе има и втора фаза со која ќе се гасифицираат сите поголеми градови во Македонија, а не само овие кои ги спомнав, за која веќе се работи на заокружување на финансиската конструкција. Вториот проект кој го превземаме, а ќе го намали факторот за загадување, греење на дрва, е проектот кој го објавив оваа пролет како дел од нашата програма 2017та-2020та година за греење со пелети, истакна тој.

Тој потсети дека првиот сегмент на проектот е дека ќе се доделуваат субвенции до 70% од трошоците на домаќинствата за замена на печките на дрва со печки, котли и цела опрема за системи на пелети, по принципот старо за ново, за највеќе до 30.000 денари по домаќинство.

-Вториот сегмент се однесува на поддршка за набавката и потрошувачката на самите пелети кои претставуваат енергенс и условно кажано потрошен материјал. Со цел да се намали цената на пелетите и да бидат поконкурентни во однос на други средства за греење, ќе се поддржи субвенционирана цена за пелетите за крајните потрошувачи во следните 10 години. Исто така ќе се намали ДДВ-то како за опремата што треба да се набави, така и за самиот потрошен матерјал/енергенс палетите. Проектот за поддршка за греење со пелети ќе започне да се спроведува од 2017-та година и ќе важи до 2020-та година, значи период од 4 години на субвенционирање на набавка на опремата. Загревањето со печки на пелети создава до 20 пати помалку загадување на воздухот со ПM честички во однос на загревањето со стари печки на дрва, и по однос на загадувањето е многу блиску до природниот гас. Овие две мерки, гасификација и пелетите се основните мерки кои во наредниот период штом бидат завршени и спроведени ќе влијаат на сериозно намалување на загадувањето на воздухот во Македонија во сезоната кога тоа се случува и овие два проекта ќе се одвиваат согласно зацртаниот план, истакна денес Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во исто време не се занемарува  и вториот фактор кој што е мошне значен за загадувањето на воздухот, а тоа се автомобилите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.