Груевски: Mакторпно работевме за да почне да се гради гасоводот

Изградбата на гасоводот, според владините претставници,  е до големо значење за Македонија, ќе овозможи гасот да биде достапен насекаде низ државата за граѓаните, компаниите.

– Она што долги години се зборуваше, она што од многумина се ветуваше, денес почнува да станува реалност, истакна Груевски. Изминатите години, потенцира, макторпно работевме да дојдеме до почетокот за изградба на гасоводот.

– Оваа делница  е прва за изградба затоа што ќе овозможи натамошен продор и ширење на целата гасоводна мрежа низ државата. Според планираното ќе бидат поврзани сите поголеми места со што гасот ќе стане достапен насекаде низ државата. Следните делници кои планираме да се градат се од Штип до Кавадарци преку Прилеп до Битола и Охрид, од Штип до Радовиш-Струмица-Гевгелија се до границата со Грција, од Струмица преку Ново Село до границата со Бугарија, од Скопје-Тетово-Гостивар преку Кичево -Струга до Ќафасан и границата со Албанија, истакна Груевски.

Со изградбата на гасоводот, нагласи, Македонија добива пристап до стратешки ресурси поради што бенефитот е многукратен.  – Најважно од се е придобивката која ќе ја имаат граѓаните. Можноста да се користи гас во домаќинствата ќе значи помали сметки за струја и греење што директно ќе се одрази на буџетот на граѓаните. Придобивки ќе има и економијата. Употребата на поевтин енергенс ќе значи поголем профит на компаниите, поголема конкурентност на домашниот производ, подобри услови за водење бизнис, а тоа ќе допринесе и за нови работни места во државата, истакна Груевски.

Користењето на гасот позитивно ќе влијае и во производството на електрична енергија од страна на државните електрани. – Нивната модернизација и адаптација ќе значи намалување на трошоците за производство и подобрување на еколошкиот аспект од нивната работа. Со тоа Македонија ќе добие поевтина и еколошки поприфатлива алтернатива на мазутот и сличните енергенси кои се употребуваат во моментот, рече Груевски.

Капиталните инвестиции како изградбата на гасоводот, автопатите, железницата, аеродромите ТИР зоните, нови фабрики, хидроцентрали, училишта, булевари, спортски сали…, според Груевски, се големи проекти и конкретни дела, резултат на посветената работа и труд на Владата.

Изградбата на националниот гасовод е прва фаза од проектот за гасификација на Македонија. Втора фаза е изградба на дистрибутивна мрежа која треба гасот да го однесе до општините, а нивниот избор е во тек.

– За регионот на Скопје постапката е во завршна фаза и во најскоро време очекувам да се избере компанијата која ќе ја гради дистрибутивната гасоводна мрежа низ Скопје. Во тек е и постапката за избор на компанија која ќе ја гради секундарната мрежа и во останатите региони низ државата, посочи премиерот Груевски.