Македонија

Груевски меѓу лидери и кралски семејства на комеморацијата во Нупорт

Груевски меѓу лидери и кралски семејства на комеморацијата во Нупорт

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, попладнево во градот Нупорт, Белгија, заедно со кралеви, претседатели, премиери, министри и амбасадори на 83 земји од светот присуствуваше на комеморација по повод 100 години од Првата светска војна.

Како што јавува МИА, на комеморацијата „Белгија памети“, во чест на жртвите и светските промени што ги донесе Првата светска војна, белгиското кралско семејство на чело со кралот Филип и кралицата Матилда беа домаќини и на голем број претставници на кралски семјства, меѓу кои, принцезата Беатрикс од Холандија, принцезата Мерјем од Мароко и Големиот војвода на Луксембург, Анри Алберт Габриел Феликс Мари Гијом.

Од политичките лидери, покрај македонскиот премиер Груевски, на овој настан присуствуваа и германската канцеларка Ангела Меркел, претседателите на Малта, Мари Луиз Колеиро Прека, на Унгарија, Јанош Адер и на Мали, Ибрахим Бубакар Кеита, министерот за одбрана на Франција, Жан-Ив Ле Дријар.

gru_2

– Жртвите од тие страшни војни бараат во име на цивилизациите да направиме се што можеме за да живееме во мир и истиот да го одржуваме, истакна канцеларката на Германија, Ангела Меркел, извинувајќи се во име на својата земја што токму германските војници први го употребиле хемиското оружје во битката кај градот Ипр во 1915 година.

Градот Нупорт е местото каде на полињата на Изер, Белгијците и сојузниците успеале со поплавување на местото да ја сопрат германската инвазија во Првата светска војна. Пред споменикот на тогашниот крал на Белгија, Алберт Први, наречен “војникот” поради неговото директно предводење на армијата во битката, францускиот министер за одбрана, чија порака „тешкотиите од минатото не носат напред, исто како и големите предизвици од иднината“ измами големи аплаузи од присутните.

gru_6

Белгискиот Крал Филип, пак, посочи дека од првите денови на војната во август 1914 година, белгиската армија покажала храброст и одлучност и успеала да ја одложи германската инвазија на градовите Лиеж, Тиенен и Антверпен. Но, земјата претрпела сериозни последици и било јасно дека освојувачките сили се посупериорни, но белгиската армија успеала да ги задржи и наместо да капитулира, на 8-ми октомври Кралот Алберт Први одлучил да се бори што се покажало одлучувачки.

gru_4

– На преквечерината на битката на Изер, Кралот им даде инструкција на своите трупи дека се борат за своите домови и за независноста на нацијата. Тој им порача дека веќе не се сами во оваа битка и дека покрај себе ги имаат армиите на Франција и Британија, истакна на церемонијата белгискиот Крал Филип.

Кралот посочи дека пролеаната крв на рамнината Изер дефинитивно ја сопрела инвазијата и дека затоа, денеска им се оддава чест на нашите пра-прадедовци за силата покажана при отпорот.

– Сто години подоцна, на истата почва ја обновуваме посветеноста на Кралот Алберт Први и додека нови оружја татнат низ светот, цврсто го прифаќаме факелот од оние што биле тука пред нас. Факелот на правдата, достоинството и мирот, порача белгискиот крал Филип.

gru_8

Потсетувајќи дека на 4-ти август оваа година се одржа импресивна меѓународна церемонија во белгискиот град Лиеж, германската канцеларка Меркел истакна дека тоа му покажало на светот како Белгија ги слави жртвите од Првата светска војна. Обединети во комеморацијата, сите земји инволвирани во таа војна, според Меркел потсетиле како може обединето да се делува во иднина.

– Денеска сум тука во Нупорт и Ипр и сакам да изразам благодарност за поканата како канцелар на Германија да говорам пред вас, на комеморација за жртвите во Белгија што страдале од германската инвазија во 1914 година. Оваа покана не се добива туку-така. Во август 1914 година, владата на Германија ја следеше воената логика, а национализмот ги облачеше сите одлуки во тоа време. Водени од Албрт Први, Белгијците покажаа отпор и на полињата на Фландрија ја сопреа германската офанзива како симбол на отпорот, но и жртва која светот ја даде, исткана Меркел.

Канцеларот на Германија посочи и дека првото користење на хемиско оружје било тоа на германските трупи во 1915 година во Ипр што покажало ново ниво на суровост и дека, како што рече: „Тие што преживеаја останаа во очај, престрашени и без да можат да кажат и еден збор“.

Според Меркел, тоа било пред 100 години и денеска кога се одбележува овој страшен настан, според неа, не може да се биде повеќе благодарен за тоа колку оттогаш се сменети работите. По Втората светска војна, рече таа, Белгијците први им понудиле рака на помирување на германските соседи и оттогаш, повеќе од шест декади, Белгијците и Германците градат пријателство, за што таа изрази благодарност на народот на Белгија.

gru_9

– Соодветно на тоа, Брисел денеска е седиште на Европската унија. Тоа симболизира слобода, демократски вредности и почит за меѓународното право. Жртвите од тие страшни војни бараат во име на цивилизациите да направиме се што можеме за да живееме во мир и истиот да го одржуваме, заврши Ангела Меркел.

Францускиот министер за одбрана, Жан-Ив Ле Дријан, на денешната комеморација истакна дека во август 1914 година, народот на Белгија покажал храброст и чест, а Франција пристигнала на помош со илјадници војници, борејќи се неуморно, рамо до рамо со Белгијците и Британците на полето на Лиеж, Ипр, Бертрикс и Диксмуид.

– Денешната комеморација го слави хероизмот на овие војници. Затоа, во името на францускиот претседател Франсоа Оланд, ја пренесувам пораката на признавање и солидарност на овој свечен ден. Низ годините, нашите нации поплочија заеднички пат што не направи посилни по тешкотиите што ги издржавме, порача министерот Ле Дријан.

Потсетувајќи дека последните настани во светот потсетуваат дека мирот е нешто што никогаш не може да се претпостави дека е траен, францускиот министер за одбрана потсети дека во Европа, земјите одамна се помириле. Сепак, според Ле Дријан, никогаш не смее да прекинат напорите, посебно меѓу Франција, Британија, Белгија и Германија за да се задржи Европската унија жива, да се слават заедничките вредности и заедно да градат побезбеден свет.

– Тешкотиите од минатото не носат напред, исто како и големите предизвици од иднината, заврши францускиот министер Ле Дријан.

Покрај кралското семејство на Белгија, домаќини на денешната комеморација беа и премиерот Шарл Мишел и потпретседателот и министер за надворешни работи, Дидие Реиндерс.

gru_10

Вечерва, светските лидери продолжуваат со комеморацијата во градот Ипр каде се одржани најтешки битки во Првата светска војна во рамки на Белгија, во која животот го загубиле над 600 илјади белгиски војници.

Премиерот Никола Груевски присуството на денешната комеморација во Белгија го искористи и за низа неформални и куси средби и разговори со присутните лидери.