Груевски: Мерките кои ги планира новата Влада ќе донесат тешкотии за граѓаните и фирмите

Во обид да дојдат до повеќе парични средства, Владата на Зоран Заев размислува да ја зголеми старосната граница на пензионерите и да ги зголемат придонесите.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека оваа одлука на СДСМ ќе донесе лоши резултати.

-Зголемувањето на старосната граница ќе биде многу непријатен чин за оние пензионери кои се во трудоинтензивна дејност. Околу зголемувањето на придонесите нашата Влада имаше обратна политика во тој правец. Нашата политика беше да се намалуваат придонесите, да се намалуваат и другите трошоци на компаниите со цел компаниите да располагаат со повеќе средства и да ги вложат во вистински инвестиции, во развој, во отворање на нови работни места. Гледам дека политиките на новата Влада се што повеќе средства да прибере од компаниите и граѓаните во Буџетот и тоа мислам дека е исклучително лошо, истакна Груевски.

Конкретно за зголемување на придонесите за здравство и пензиско, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека резултатите ќе отидат во една од двете насоки.

-Или дел од работодавачите ќе ги намалат платите на вработените, односно ќе ги задржат бруто платите, но нето платата ќе се намали. Ќе се зголеми делот за пензинско осигурување, делот за здравствено и делот за персоналец. Тоа ќе оди на терет на вработениот. Тој ќе добива помала нето плата. На тој начин фирмата нема да загуби ништо, но ќе загуби вработениот. Од друга страна, некои од фирмите можеби ќе ги зголемат бруто платите за да не ги намалат нето платите, но ќе станат помалку конкурентни. Нивниот производ ќе биде помалку конкурентен, некои од нив ќе се соочат и со нивниот опстанок. Или компаниите и фирмите или граѓаните вработени ќе бидат во тешкотии, истакна Груевски.

Ваквите мерки на СДСМ ќе доведат и до тоа да се зголеми бројот на непријавени работници.