Груевски- Мијатовиќ: Ќе се унапредуваат стандардите и развој на медиумите

Премиерот Никола Груевски, денеска оствари средба со претставничката на ОБСЕ за медиуми, Дуња Мијатовиќ.

Премиерот Груевски ја истакна подготвеноста и отворената волја на Владата активно да продолжи да придонесува за подобрување на стандардите во областа на медиумите посочувајќи дека со носењето на решенијата за Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е направен значителен чекор напред во тоа поле. Тој истакна дека на тој начин прецизно се дефинирани и законски регулирани повеќе области.

Тој истакна дека примарната задача на новите законски решенија е обезбедување и поттикнување на развој на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, како и развој на медиумската сфера и независната продукција, поттикнување на културата на јавен дијалог во насока на заштита и поттикнување на творештвото, слободата, образовниот и научниот развој.

Претставничката  за медиуми на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ го поздрави носењето на таквите законски решенија, истакнувајќи дека компаративно гледано спаѓаат меѓу подобрите во регионот. Истовремено, посочи дека преостанува процесот на нивна имплементација што ќе зависи од волјата, капацитетите и подготвеноста на сите чинители во тој процес.

Премиерот Груевски даде силна поддршка на имплементацијата на донесените законски решенија упатувајќи благодарност до претставниците на ОБСЕ за поддршката и нивната вклученост во тој процес.

Претставничката на ОБСЕ, информираше дека Македонија ќе биде домаќин на регионалната медиумска конференција која ќе се одржи во Скопје.

Соговорниците на средбата се согласија дека заеднички ќе продолжат да придонесуваат за унапредување на стандардите и обезбедување на развој во медиумската сфера.