Груевски: „Монтанте груп“ само во првата година ќе инвестира 10 милиони евра

Само во првата фаза италијанската компанија „Монтанте груп“ која најави инвестиција во слободната зона Бунарџик планира да вработи 100 луѓе, а за неколку години бројката најверојатно ќе стигне до 300 или 400 вработени, истакна премиерот Груевски во одговор на прашање по отворањето на повеќенаменското игралиште во ОУ „Наум Наумовски Борче“ во населбата Триангла.

Тој посочи дека компанијата планира да произведува амортизери за возови, шински возила, камиони и за други товарни возила  и додаде дека оваа компанија е со долга традиција и покрива многу пазари на речиси сите континенти.

Премиерот Груевски истакна дека само почетната инвестиција изнесува 10 милиони евра, потенцирајќи дека во план е три до четири пати поголем капацитет од планираниот, со што инвестицијата би можела да достигне сума од 30 до 40 милиони евра.

Компанијата планира до крајот на годинава да ја почне изградбата на објектот во Бунарџик, да ја заврши во рок од околу една година и веднаш потоа да започне со производство.

– Задоволен сум  што прилично често во последно време имаме објави на мултинационални компании кои носат одлуки да инвестираат во Македонија, а еден дел веќе и го започнуваат тоа што го најавија. Новата компанија значајно ќе влијае на зголемување на извозот од земјава, а директно и индиректно на намалување на невработеноста и на севкупното производство во Република Македонија, потенцира Груевски.

„Монтанте груп“ е мултинационална италијанска компанија со 2.300 вработени и годишен обрт од 800 милиони евра. Нејзиното седиште е во близина на Торино, Италија, а за можностите за инвестирање во Македонија, како што кажа нејзиниот сопственик Антоанело Монтанте на петочната прес-конференција во Владата, биле запознати на минатогодишното владино роуд-шоу во Италија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.