Груевски: Мора да се развие независен граѓански сектор во Македонија

Ако нашиот домашен приватен сектор нема чувство за поддршка на НВО, и го остава целокупно во рацете на еден надворешен меѓународен играч и странски држави, тогаш исто толку критика треба и за владата која досега доделуваше симболични средства за НВО, и на тој начин НВО станаа армија зависна од Сорос, но и во служба на неговите политики, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју за Република.

-Секоја влада во секоја држава одвојува посериозни средства за граѓанскиот сектор, без притоа да влијае на неговата работа. Кај нас, потфрливме на тој план, и тоа е секако првата, а би рекол и најважна мерка во планот за десоросиозација на општеството како што кажавме во нашиот предлог. Мора да се најадат средства, да се помогне да се развие независен граѓански сектор во Македонија. Не смее граѓанскиот сектор во иднина да остане само во рацете на Сорос и на странски влади. Денес ако сакаш да работиш во граѓански сектор, или мора да работиш за Сорос и да ја прифатиш неговата идеологија и цели, или нема место за тебе во граѓанскиот сектор. Таа грешка во иднина не смее да и се повтори на Македонија. Нека работи и нека инвестира Сорос во НВО, но мора активистите на НВО да имаат и други извори на финансирање доколку имаат квалитетни проекти, а тие проекти мора да ги оценуваат експерти кои не се политички зависни од која и да е власт ниту пак да се зависни од странски влади и поединци, вели Груевски.

Додава дека тие се класична армија.

-НВО Сорос во Македонија ги направи модерна армија. Денес битката не е со пушки и пиштоли како пред 100 години, туку со НВО, корумпирани медиуми и новинари и влијание на моќни странски медиуми и моќни странски  влади да нивните политики кон една земја ги насочат во правец на неговите цели. Тоа е реалноста и за жал така дејствува Сорос. И тогаш те прават што сакаат. Те гмечат, те сукаат, како тесто. Ќе те направат и криминалец, и лопов и предавник, и идиот, и неспособен, и монструм, се што ќе наумат. Па оди после ти излези на избори. Ќе ти измислат триста афери, купишта лаги и дезинформации, едно зборуваш, друго се пренесува итн.Еве на пример погледнете што правеа со Прогласот на ВМРО-ДПМНЕ од 17ти декември. Ние таму јасно кажавме дека ќе ја продолжиме нормалната комуникацијата со амбасадорите, тоа на медиумите и кај аналитичарите платени од Сорос никаде го нема, но има дека сме објавиле војна на амбасадорите, и дека сме решиле да се самоизолираме. Ние кажавме дека некои амбасадори претераа во мешањето во внатрешните работи на земјата и дека тоа мора да запре, тие тоа го спинуваа дека сме против Америка и против Западот, против НАТО и ЕУ. Никој од нив не пренесе дека во истиот проглас кажавме дека бевме и ќе бидеме западно ориентирани, за членство во НАТО и ЕУ, и за стратешка соработка со Америка. Никој. Нивните платени аналитичари секоја вечер мелат иста приказна, зборувај ти што сакаш. Може светски медиуми како Асошиејтид Прес или Вашингтон Пост коректно да ја пренесат информацијата, но не може истото да го направат медиумите финансирани од Сорос фондацијата во Македонија. Но, има лек и за тоа, вели Груевски.