Груевски: Мора нешто да се промени во високото образование

Македонската Влада во моментов размислува за воведување на државен испит во високото образование иако низ медиумите се пишува дека тоа е екстерно тестирање.

Премиерот Никола Груевски истакна дека нешто мора да се промени бидејќи ставањето на оцени по други критериуми, освен по знаење, само ќе им донесе штета на младите луѓе.

-Во светот има различни примери. Да речеме, екстерна евалуација има во Данска, Британија, Австралија. Вишеградската група применува државен испит. Во овој момент размислуваме повеќе за државен испит меѓутоа се уште сме отворени да ги чуеме размислувањата на сите оние кои имаат интерес да се вклучат во една јавна дебата. Министерството веќе започна јавни дебати со студенти, професори. Решението не е конечно, но она што е дефинитивно е дека нешто мора да се промени затоа што имаме цели универзитети каде проодноста на студентите е без доволно знаење. Каде што се ставаат 9-ки и 10-ки на секој, независно кој-колку научил. Тоа е нездраво за едно општество. Тоа е правење штета на самите студенти. Тие на некој начин стануваат инвалиди во своето знаење. Добиваат диплома без знаење и тие понатаму не можат да просперираат. Каде и да отидат да работат, можеби првиот впечаток дека имаат диплома ќе им помогне, но веднаш потоа ќе имаат пречки, истакна премиерот.

Тој додаде дека Владата чувствува одговорност тие состојби да ги промени.

-Ние сме повеќе години на власт и неможеме да дозволиме пред очи да поминува нешто што сите го знаат. Јавна тајна е дека во Македонија значаен дел на универзитети и факултети го прават тоа. Особено приватните, не сите, но кај дел од нив владее девизата „ако плати, не смее да падне на испит и треба да има висока оценка“. Кај дел од студентите владее девизата „сум платил и не треба да учам“. Тоа е многу нездрава работа, истакна македонскиот премиер.

Груевски вели дека ваквата состојба во високото образование може само да им нанесе штета на младите луѓе кои тоа ќе го сфатат кога ќе влезат во животот каде треба да работат и заработуваат.