Груевски му го честиташе Велигден на г.г Стефан

Ми претставува особено задоволство, во свое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ, Вам, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, на свештенството, монаштвото и на сите православни верници, да го честитам најголемиот христијански празник – Велигден, се вели во честитката од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по повод празникот Велигден до Архиепископот Охридски и Mакедонски – господин господин Стефан.

„Христовото воскресение ги содржи универзалните пораки за мир, љубов, солидарност, меѓусебно почитување. Да празнуваме и да се потсетиме на овие пораки во овие празнични денови, но и да ги задржиме како патоказ. На нашата земја и е потребно единство и толеранција, меѓусебно почитување и обединување околу целите кои не придвижуваат нанапред. Економскиот развој, поттикнување на домашното стопанство, инвестициите, претприемништвото се сферите кои се наш приоритет и го движат општеството нанапред. Успехот е можен и тој е достижен доколку напорно и обединето настапиме во решавањето на предизвиците и надминување на разликите.

Проблемите на граѓанинот се заеднички и сите ги споделуваме и живееме со нив, ги разбираме и се трудиме да помогнеме, солидарноста и хуманоста е потребна, но е потребна и мудрост и решителност. Нашата цел е заедничка, единствена и просперитетна Македонија, дом на сите граѓани, место каде секоја индивидуа се почитува, и се реализира.

Во нашата држава постои традиција на соживот и сплотеност во различностите, што е богатство кое вреди да се негува и кое не води напред. Вредностите на христијанството, помагањето и солидарноста, љубовта кон ближниот и за сите кои имаат потреба не прави луѓе, пред се.  Македонија мора и ќе оди напред.

Ви посакувам убави празнични денови, љубов и хармонија во сите семејства кои го празнуваат Христовото воскресение, добро здравје, духовен мир и благосостојба во домовите.

Нека е честит и вековит празникот! Нека е вечна Македонија“, порачува Груевски во својата честитка до поглаварот на македонската православна црква.