Груевски му порача на Жерновски да престане да работи на штета на граѓаните

Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски, да престане да се занимава со работи кои се на штета на граѓаните и намерно да ги попречува градежните работи, порача во неделата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во текот на посетата на реконструираниот Офицерски дом кој е во напредна фаза на градење.

Груевски истакна дека она што е негативно во заокружувањето на повеќенаменскиот објект кој се остварува на Плоштадот Македонија е незаконското укинување на деталните урбанистички планови (ДУП), од страна на градоначалникот на општината Центар и советниците, кои оневозможија да се изградат скалите за излез кон плоштадот коишто беа предвидени во планот.

„Доколку институциите тој незаконски ДУПп не го поништат, се оневозможува директно од плоштадот да доаѓаат сите тие што доаѓаат кон плоштадот и тие што излегуваат од него. За жал, можам да кажам дека градоначалникот на Центар сé што прави е со цел да спречи некоја градба, решавање на проблем како и да оневозможи нешто и тој цело време внесува некоја негативна енергија, а не го гледам да направи нешто позитивно“, истакна Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека во неколку наврати градоначалникот на Центар намерно го попречува работењето на многу институции и градби во Центар.

„Градоначалникот на Центар три месеца не даваше дозвола за гаражата спроти Македонскиот народен театар да започне со работа, иако беше целосно готова. Улицата покрај зградата на новиот Факултет за драмски уметности во Скопје е негова обрска да ја гради, ниту, пак, дава државата да ја гради, потоа улицата спроти хотелот ‘Бристол’ каде што се сместени регулаторните тела и наскоро ќе бидат сместен Елем, исто така, негова обврска е да ја изгради улицата, но  тој не дозволува ниту некој да гради ниту тој да ја гради. Ова денеска е четврто и оневозможил да има скали од плоштадот кон матичната служба со поништување со дупот. Човекот само гледа нешто да уништи, да запре, да поништи и запре и тој смета дека тоа него му е реклама и тоа е многу лошо за еден градоначалник кој се занимава само со негативни работи и кога својот успех го мери со тоа колку ќе го намали успехот на неговиот политички опонент и тоа е на штета на граѓаните“, рече Груевски.