Груевски на Конгресот посочи на предизвиците и грешките во изминатите четири години

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во денешното обраќање на 15. Конгрес на партијата што се одржува во Куманово посочи дека во изминатите четири години се справиле со повеќе деликатни предизвици и оти имале повеќе слабости и грешки.

Меѓу предизвиците ги напомена справувањето со последиците од европската должничка криза, кои, како што рече, иако не ги почуствуваме директно заради нискиот долг, сепак ги почуствувавме индиректно заради падот на економиите во Европа, како наш најголем извозен пазар. Посочи дека антикризните мерки и реформите дадоа сериозни резултати во ублажување на кризата.

Како втор и оценувајќи го како мошне голем предизвик го напомена обидот на Црвенковски и Заев на 24 декември 2012, преку насилно преземање на Парламентот да дојде на власт. – Овој негов деструктивен чекор создаде големи проблеми на државата, кои цели две години се мачевме да ги санираме на меѓународен план. Ни одзема многу време и енергија, и се пропуштија многу можности заради тоа. Но, гледајки од денешен аспект, не излекоа никаква поука од тој настан, рече Груевски, наведувајќи ја како трет голем предизвик блокадата за, како што вели, нашето одамна заслужено место во ЕУ и НАТО.

Меѓу пропустите и грешките ги напомена посветеноста на економскиот, наспроти политичкиот дел, честа промена на законите и несоодветна имплементација на законите.

– Поттикнати од желбата за што побрзо решавање на проблемот на невработеноста на многу луѓе, силно се посветивме на економскиот дел, и се чини на моменти се запоставија одредени политички прашања. Како на домашен план, така и надворешен план. Треба да најдеме начин во иднина да останеме фокусирани на економскиот но малку повеќе простор да обезбедиме за политичките прашања, дома и надвор, рече Груевски и додаде дека во тој контекст потребен е и уште поголем фокус и на одржувањето на добри меѓуетнички односи преку конкретни чекори и гестови.

Посочи дека некои од реформите се направија брзо без претходна доволна подготовка и објаснување на јавноста, при тоа брзајќи да се постигнат резултати, останаа неразбарани, па потоа се јавуваа незадоволства и недоверба во намерите. Како пример ги наведе хонорарците.

За пречестата промена на законите, рече дека влијаела амбициозната програма, чие исполнување налага многу промени, но, додаде, дека понекогаш ако побавно ги туркаме процесите, ќе имаме подобар резултат.

Во однос на имплементацијата на законите, најави дека е формиран тим од 15 лица во кабинетот кој од понеделник почнува да работи. – Тимот за проверка на спроведувањето на програмата, кој нема да проверува само од канцеларија и од комјутер, туку многу често ќе бидат на терен, со земјоделците, со социјалците, на градежните локации, меѓу пензионерите, со студентите, кај пациентите и лекарите, директорите и вработените, итн, и дневно ќе работи исклучиво на ова прашање, рече Груевски.