Груевски: На местото на Јанкулоска и Јанакиески предлагам исто така способни и проверени кадри

Во текот на вчерашниот ден министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на УБК Сашо Мијалков поднесоа оставки. На денешната 50-та седница во собранието на Република Македонија претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски пред пратениците го образложи предлогот за нови членови на Владата.

Тој на почетокот на своето обраќање се осврна на оставките на министрите, како и на директорот на УБК.

– Како што наведоа во писмената оставка и како што ми кажаа во нашите меѓусебни разговори при поднесувањето на оставките понесени од намерата со своето повлекување да допринесат во нормализација на политичката криза во Република Македонија, без да остават простор да се расчистат сите обвинувања кои претседателот на СДСМ ги фрли врз нив со креирените телефонски разговори, кои во голем дел се креирани, монтирани и лепени, за кои и самиот ми призна дека ги прибавил од странска разузнавачка служба и несакајќи да бидат причина за понатамошна ескалација на политичките случувања. Иако без било каква докажана вина се одлучија на ваков чекор. Се работи за личности кои во изминатиот период дадоа огромен личен плод во равојот, стабилноста и безбедноста на државата, рече Груевски.

Претседателот на Владата нагласи дека Јанкулуовска и Мијалков беа 8 години и 8 и пол месеци на многу чусвтвителни и одговорни позиции, на многу ризични и тешки за раководење позиции.

– Позиции на кои никој досега не успеал да опстане толку долго и толку успешно. Покажаа одлична одлучност и решителност, храброст и пожртвуваност, професионалност и патриотизам, смиреност и мудрост во едно исклучително турбулентно време на сериозни предизвици за државата. Покажаа неверојатна лојалност и спремност секогаш да застанат на браникот на татковината. Под нивно и на нивните колеги од МВР водство граѓаните видоа како се бранат интересите на татковината. Како се прават реформи во МВР. Како се одговара и со каква одлучност на најсложените и најкомплицираните операции, како што меѓу многуте беше и последната исклучително успешна акција на полицијата во Куманово за неутрализирање на сериозна, вооружена и многу искусна терористичка група. Тие секогаш цврсто стоеја зад интересите на македонскиот народ и на сите граѓани на РМ, рече Груевски.

За Миле Јанакиески Груевски потенцира дека е фанатичен работник, неверојатно брз и неуморен, експедитивен, стручен и чесен човек и министер. Човек кој помагаше секаде и секому каде ќе стигне. Многу ќе ми недостасува во Владата.

– Тој направи крупни реформи во ресорот кој го раководеше и ќе остане запамтен и меѓу вработените и меѓи фелата која на почетокот го гледаше на него со резерва пред се заради младоста и ненаметливоста. Но, многу брзо разбраа дека имаат министер кој е неуморен работник, пријателски настроен кон секого, исклучително стручен и со огромна волја за развој на градежништвото, патниот сообраќај, авиотранспортот, железничкиот сообраќај, телекомуникациите и другите ингиренции кои беа под негова надлежност, рече премиерот.

Тој за Јанакиески рече дека бил најактивниот министер во кризните времиња во државата, независно дали станува збор за поплави, пожари, одрони, свлежишта, снежни наноси или било која друга елементарна непогода.

– На местото на Јанкулоска и Јанакиески предлагам исто така способни и проверени кадри, рече Груевски.

За Митко Чавков, Груевски рече дека веќе 28 години работи посветено во МВР на сите нивоа почнувајќи од инспектор, па до директор на Бирото за јавна безбедност, именуван од Владата.

-Исклучително искусен човек, со ниту една дамка во својата кариера. Јас подобро го запознав во последниве неколку години, особено откако е на оваа многу одговорна функција која со голем професионализам ја извршуваше. Беше дел од успесите на МВР во изминатиот период и одлично е навлезен во започнатите реформи во министерството, но и во сите други активности на МВР. Со обзир дека е човек кој одлично го познава министерството, тој ќе знае да го извлече максимумот од секој поединец во министерството. Покрај работата во јавната безбедност, извесен период има работено и во УБК. Има учествувано, а голем дел и раководено голем број на крупни операции на МВР кои завршиле со успех. Неговото образование, работно искуство, работливост и посветеност, навлезеност во активностите на МВР како и фактот што го запознав како успешен професионалец со висок интегритет и чесен приод кон работата се причина заради која го предлагам  за министер за внатрешни работи на Република Македонија, рече Груевски пред пратениците.

За нов министер за транспорт и врски, Груевски го предложи актиелниот директор на Агенцијата за патишта на Република Македонија.

Мисајловски претходно беше државен секретар во министерството за транспорт и врски каде ја организираше работата на сите покрупни проекти на министерството.

-Станува збор за човек кој одлично ги познава проектите на министерството, реформите кои се во тек, во секторите кои се во надлежност на министерството, проектите од програмата на Владата и нивната динамика на реализација. Имајќи во обзир дека ги познава и вработените во оваа институција, тоа гарантира дека нема да има никаков застој во реализацијата на програмата во областа на министерството за транспорт. Пред оваа функција, Мисајловски неколку години беше државен секретар во МНР каде беше силно посветен на организацијата на ова министерство во сите негови декапеа и активно учествуваше во дипломатските активности на министерството, рече Груевски пред пратениците.

Владо Мисајловски има работено и во општина Центар на голем број проекти и Груевски вели дека тој одлично ги познава и проблемите  и предизвиците на локалната самоуправа.

-Неговото образование, искуство и високи стручни и морални квалитети, високиот степен на интегритет и посветеност на работата, големата динамичност и брзината карактеристична за неговото работење, одговорноста и работливоста се причина поради која го предлагам за министер за транспорт на Република Македонија, рече Груевски.