Груевски на отворање на Археолошка изложба 2015

Груевски на отворање на Археолошка изложба 2015
Груевски на отворање на Археолошка изложба 2015

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска ќе присуствува на отворање на Археолошка изложба 2015.

Настанот, информираат од Владата ќе се одржи во Археолошки музеј на Македонија.

„Археолошка изложба 2015“ вклучува повеќе стотици артефакти од десетици археолошки локалитети, некои познати во научната сфера, а некои кои се откриени во оваа година.

Со проектот „Археолошки катастар на Република Македонија“ се изведени интензивни теренски активности на старите градови и тврдини во територијата на Македонија. Пронајдени се стотици сребрени и бронзени монети од антиката и средниот век, како и други археолошки наоди. Околу педесет проценти од истражуваните локалитети се првпат откриени токму во 2015 година, информира УЗКН.

Значен дел од поставката заземаат наодите од истражувањата на античкиот театар во Скупи – најголемиот антички театар во Македонија и пошироко, кој минатата година беше целосно археолошки истражен, и започната е конзервација на сценската зграда.

Поставката ги вклучува и веќе добро познатите наоѓалишта – античките цивилизациски градски центри: Билазора кај Свети Николе (каде што се истражува т.н. владетелска палата од 4 и 5 век п.н.е.); извонредно богатиот пајонско-македонски град на Градиште кај селото Младо Нагоричане, Кумановско; античкиот град Стибера во областа Девриоп; потоа Пелагонија, главен град на истоименото античкото кралство, на локалитетот Старо Бонче, Прилепско; праисториската опсерваторија Кокино во Кумановско; првпат годинава античкиот град во Кичево, на локалитетот Китино Кале во Кичево и Еминбеговата кула во Кратово.