Груевски на отворање на канцелариите на „Ендава“

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, денеска ќе присуствува на отворање на работните простории на британската ИКТ компанија „Ендава“ во Скопје.

Работните простории се наоѓаат во непосредна близина на Mеморијалниот музеј на Холокаустот.

Компанијата која развива софтвери, минатата година најави првична инвестиција од над два милиони евра во Македонија со 450 работни места. Извршниот директор Џон Котерел тогаш нагласи дека од 40 градови во Европа е избрано Скопје поради брзиот економски раст, развојот на ИТ секторот и високообразовниот кадар. Воедно бил импресиониран од бизнис условите што ги нуди Македонија.

Скопје, како што рече Котерел има голем потенцијал за ИТ секторот како резултат на јаките универзитети и високо образованата работна сила со одлични јазични вештини.

Менаџерите на „Ендава“ се охрабрени и од поволната деловна клима во Македонија, како и од отворениот пристап на локалните власти и институции.

Британската ИКТ компанија развива софтвери за најдобрите 500 мултинационални компании од листата на „ФОРТУНЕ“ од банкарскиот, телекомуникацискиот и осигурителниот сектор. Брои над 1.500 редовно вработени, има канцеларии во Франкфурт, Њујорк, Атланта, Глазгов и Оксфорд, а беше ставена меѓу првите 100 аутсорсинг компании во светот. Нејзината растечка стратегија е фокусирана на проширување во Источна Европа преку постојан раст на своите центри за развој и преку отворање нови канцеларии

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.