Груевски: На овие избори се случија невиден поткуп и тортура ВМРО-ДПМНЕ да отстапи од својот традиционален идентитет

ВМРО-ДПМНЕ на овие избори влезе како фаворит и многумина се прашуваат што се случи. Се случија две, првата работа е страшен терор, уцени, закани, заплашувања и многу поткуп на гласачите од страна на актуелната власт од досега невидени размери, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во гостувањето во магазинот „Седмица“ на телевизија Алфа.

„Имавме убиен човек во изборите, актуелен градоначалник и кандидат со скршен череп, искршени изборни штабови. Кога се случува сево ова можете да замислите што си помислуваат луѓето. Изборите не доликуваа како да се во Африка, а камо ли во Македонија. Се фалеа со пиштоли, а коментираа за флешери на автомобилот на Коневски кој му бил така доделен. Максимална употреба на сила, насилство, поткуп и заплашување што вроди со резултат, а тоа се одрази и со резултатот на изборите“, истакна Груевски.

Посочи дека втората работа која се случила на изборите, а во врска со резултатот е тоа што ВМРО-ДПМНЕ било казнето и била испратена порака до него и до раководството на партијата.

„ВМРО-ДПМНЕ имаше свои традиционални политики и тие (граѓаните) оценија дека ВМРО изврши отстапување од сопствениот идентитет кој се заснова најмногу на заштита на националните и државни интереси и градење проекти. Отстапувањето некои го почувствуваа во првиот дел, дека не се задоволни од тоа што така го примиле. Ние на овие избори и во периодот пред него се обидувавме да им се допаднеме на некои други и тоа не им се допадна на дел од нашите традиционални гласачи“, објасни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.