Груевски на прилепчани им вети нов театар

Изградба на нов театар и темелна обнова на Домот за култура во Прилеп, предвидува Програмата „Реално“ на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Планираните инвестиции во Прилеп во оваа област денеска ги претстави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пред работници од областа на културата.

Новиот театар треба да ја замени старата театарска зграда која, како што рече Груевски, е мала и несоодветна за успесите што ги постигнуваат театарските работници од Прилеп. Подготовките би почнале по изборите, а посериозни активности, вети, во 2018 година. Се проценува дека новиот театар би бил со површина од 300 до 350 метри квадратни.

– Со темелната обнова на Домот на културата и новиот театар и прилепската публика и театарските работници ќе добијат соодветен простор, оцени Груевски.

Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески потенцира дека новиот театар ќе придонесе за дополнително зголемување на квалитетната програма на Фестивалот „Војдан Чернодрински“. Стариот театар, појасни, ќе прерасне во културна работилница и ќе продолжи да се користи за настапи на аматерскиот театар и за културно-уметнички манифестации.

Груевски во Прилеп имаше средба и со спортски работници пред кои најави целосна обнова на спортскиот центар „Маркови кули“. Инвестицијата, како што рече, ќе изнесува пет милиони евра, но ќе стартува по решавање на имотно-правните работи.

Темелна обнова во програмата „Реално“ е предвидена и за спортската сала „Македонија“ каде се планира да се вложат 1,5 милиони евра. Како што наведе Груевски, предвидена е изградба на пет баскет игралишта, како и тениски терени. Посочувајќи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период вложила многу во спортот, но била и критикувана дека нема доволно финансии во оваа област, Груевски ги претстави новините од Законот за спорт и Законот за данок на добивка што ќе стапат во сила на 1 јануари.

– Со нив се дозволува дел од данокот на добивка компаниите наместо да го уплатуваат во Буџетот, да го инвестираат во спорт, рече Груевски, нагласувајќи дека максимално ќе се внимава да не се прават малверзации.

Како значајно го истакна и планираното директно државно финансирање на лиги од следната година за што како прв спорт е одбран боксот.

Во разговори со спортските работници, Груевски најави дека ќе се разгледа прашањето за воведување час по физичко воспитување четири пати во неделата, но како што потенцира, тоа може да се реализира кога ќе бидат изградени училишни спортски сали во сите училишта со над 300 ученици.

Во мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, доаде Груевски, заклучно со крајот на годинава ќе бидат завршени приближно 100 спортски сали, а се планирани вкупно 180 во целата држава (спортски и училишни спортски сали). Изградени се 50 од планираните 120 фудбалски игралишта, 70 тениски терени од предвидените 120. Завршена е изградбата, потенцира Груевски, и на 65 мултифункционални игралишта.

– Во наредните четири години во Прилеп се планирани многу проекти во различни области, рече Груевски, посочувајќи дека се предвидени и нови фасади во Старата чаршија.