Македонија

Груевски на самитот на ЕПП ги претстави заложбите за евроинтеграција на Македонија

Груевски на самитот на ЕПП ги претстави заложбите за евроинтеграција на Македонија
Груевски на самитот на ЕПП ги претстави заложбите за евроинтеграција на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, денеска во Брисел учествуваше на редовниот Самит на Европската народна партија (ЕПП), на кој учествуваа шефовите на партии и политички лидери од европската десница, меѓу кои и првите луѓе на Европската комисија и на Европскиот совет, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, домаќин на настанот беше претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, а меѓу присутните беа и германската канцеларка Ангела Меркел, шпанскиот премиер Мариано Рахој, премиерот на Ирска, Енда Кени, премиерот на Португалија, Педро Пасос Коељо, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, како и Никола Саркози од Франција, Јанес Јанша од Словенија и други.

Според Груевски на овој Самит на најголемата политичка партија во Европа, тој имал можност да се сретне со голем дел од присутната европска политичка елита и да поразговара за случувањата во Македонија и да ги информира за сето она што македонската Влада го презема со цел излегување од политичката криза.

– Ова беше добра можност да се сретнам со повеќемина од присутните и неформално да поразговарам со нив, пред се за Македонија, а поврзано со актуелната политичка криза и нашите заложби за надминување на оваа криза. Како што знаете, Владата експресно ги прифати препораките на Европската комисија, поврзани со воведување на натамошни реформи и зголемување на стандардите во повеќе области, претежно области покривани од поглавјата 23 и 24. Нашиот план е тоа да се одвива со многу брза динамика, па така и ќе се одвива, изјави Груевски за МИА по завршувањето на Самитот на ЕПП.

Груевски на самитот на ЕПП ги претстави заложбите за евроинтеграција на Македонија
Груевски на самитот на ЕПП ги претстави заложбите за евроинтеграција на Македонија

Според македонскиот премиер, прикажувајќи ги двете позиции, како на Владата, така и онаа на опозицијата во земјата, тој на своите соговорници им ги претставил плановите на Владата за да се стори се што е потрбено за да се излезе од оваа ситуација колку што е можно порано.

– Во тој контекст, секако ја побарав и поддршката за Македонија од сите со кои имав можност неформално и да поразговарам, за да и понатаму не бидеме надвор од фокусот на нив во смисла да се остави ова прашање и воопшто да се остави Македонија како прашање за понатамошното проширување на Европската унија, потенцира Груевски.

Иако на Самитот на ЕПП беа најавени пет теми за дискусија во пресрет на Самитот на Европскиот совет што започнува вечерва во Брисел, сепак, македонскиот премиер потврди дека доминантни во дискусијата со Меркел, Јункер, Туск и останатите, биле две теми: финансиската криза во Грција и преговорите Атина – Брисел во тој правец, како и проблемот со мигрантите од Африка и Блискиот Исток.

– Има различни видувања за тоа каде треба да се продолжи во однос на проблемот со Грција. Од потврди ставови што укажуваат на тоа дека било-какво сериозно попуштање ќе значи негативен сигнал кон некои други држави и одредени помеки ставови што укажуваат на ризиците со кои може да се соочи Европа ако ситуацијата заврши на полош начин, посочи Груевски.

Најголем дел од времето на дискусија, европските лидери потрошиле на миграциската политика и генерално проблемот со мигрантите што доаѓаат од Африка и од Блискиот Исток. Според претседателот на македонската Влада, претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер има подготвено одреден план за решение на овој проблем што некои од присутните денеска го поддржувале, а некои изразиле скептичност.

– Планот е поврзан со квоти за примање на мигранти, но ќе видиме што до крајот ќе се реши. Се ислушаа повеќето од претставниците на земјите-членки на ЕУ што ги дадоа своите коментари. Во секој случај, проблемот со огромниот наплив на мигранти што засега се број во ијадници, говорам во рамките на една национална економија, се очекува во иднина да прерасене и во поголем проблем што ќе се брои во милиони. Она што беше истакнато во делот на ризиците е дека доколку се усвои таква политика, дека тоа може да ги охрабри дополнително мигрантите, кои можеби не планрилае да тргнат кон Европа, тоа да го сторат, знаејќи дека веќе се прифатени по квоти, па каде и да се прераспределат во квотите, некаде ќе им биде подобро отколку таму каде што се во моментот, додаде Груевски.

Заклучок од денешната дискусија на Самитот на ЕПП за мигрантите е дека ова прашање не може да се остави да се решава во рамки на националните граници на одредени земји. Според македонскиот премиер, треба да се има заедничка европска политика и дека ќе се види вечерва и утре на Самитот на Европскиот совет, што точно ќе се усвои.