Груевски на Самитот на ЕПП во Брисел

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска учествуваше на Самитот на Европската народна партија во Брисел.

gr_samit_epp (2)-Прва најглавна тема беше инвестициониот пакет што новиот претседател на Европската Комисија, Јункер го подготвува. Се дискутираше доста околу позицијата на ЕПП во тој правец, во смисла дека ЕПП не се залага само за давање пари, всушност за инвестирање на пари, туку и за одржлив буџет и структурни реформи паралелно. Тие тоа го сметаат како една разлика помеѓу партијата ЕПП и социјалистите од спротивната страна. Втора најглавна тема беше состојбата во Украина, она што се случува на теренот, но и проблемите на Украина на светски план. Поддршката од страна на Европската Комисија, Европската Унија, вклучително и финансиската поддршка за која дел од присутните оценија дека не е доволна, дека можеби е помалку од половината од она што е потребно, како и за политичките состојби внатре во Украина, изјави Груевски по завршувањето на Самитот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ оствари неформални контакти со поголем број премиери, заменици премиери, лидери на партии во опозиција, со членови на ЕК, на ЕПП, со претседателот на ЕПП. Исто така, за прв пат оствари средба и со новиот комесар за проширување Јоханес Хан.

– Кратко поразговаравме и договоривме дека потребно е понатаму да имаме една работна средба поврзана со Република Македонија, изјави Груевски.

ЕПП е најголемата политичка партија на ниво на Европа, со најбројна парламентарна група во Европскиот парламент. Таа преставува најголемата и највлијателна политичка партија на повеќе одлучувачки нивоа во Европската Унија.