Груевски на Состанок на премиерите на Кина и земјите од Источна и Централна Европа

Во Сава центарот во Белград попладнево почна Третиот состанок на шефовите на влади на Кина и на земјите од Централна и Источна Европа на кој учествува и премиерот Никола Груевски.

Во моментот почнува средбата „16 + 1“ на која главна тема на разговор ќе бидат актуелностите во земјоделството, индустријата, туризмот, интернет технологијата, транспортот и инфраструктурата, јави известувачот на МИА. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредувањето на стопанската соработка и постигнувањето конкретни договори за реализација на проекти и инвестиции.

Покрај премиерот Груевски, домаќинот Александар Вучиќ и шефот на кинеската Влада Ли Кечијанг во Белград се присутни и премиерите на Албанија, Унгарија, Словачка, Црна Гора, Словенија, Бугарија, Естонија, Босна и Херцеговина, Литванија, Летонија, Полска, Чешка и Романија, како и потпретседателот на хрватската Влада.

Премиерот Груевски вечерва треба да се сретне и со неговиот унгарски колега Виктор Орбан, а за утре е најавен заеднички состанок со премиерите на НР Кина, Србија и Унгарија, Ли Кечијанг, Александар Вучиќ и Виктор Орбан за кој ќе се разгледа можноста за изградба на експресна железничка пруга Будимпешта – Белград-Скопје-Солун.

Покрај ова, утре премиерот Груевски ќе има и серија билатерални средби меѓу кои и со неговиот кинески колега.

Во составот на македонската делегација се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министрите за надворешни работи и за транспорт и врски, Никола Попоски и Миле Јанакиески, кои ќе учествуваат во економскиот дел на Самитот.

Македонија е прва од земјите во поширокиот регион која веќе користи средства од кинеската Ексим банка за реализација на автопатските делници Кичево – Охрид и Скопје – Штип.

Соработката на Народна Република Кина со земјите од Источна и Централна Европа започна пред три години во Будимпешта, а продолжи на состаноците во Варшава во април 2012 година и во Букурешт лани во ноември.