Груевски на средба со престолонаследникот на Саудиска Арабија, Ал Сауд

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска во Ријад оствари средба со престолонаследникот на Кралството Саудиска Арабија, г-дин Салман Бин Абдулазиз Ал–Сауд.

Оваа е прва официјална средба на ова ниво од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете држави. На средбата соговорниците изразија подготвеност за продлабочување на заедничките односи и разменија мислења и ставови за интензивирање на економската и политичка соработка во повеќе области од взаемен интерес.

По средбата, министрите за финансии на Република Македонија, Зоран Ставрески и на Кралството Саудиска Арабија, Ибрахим Ал Асаф потпишаа Договор за одбегнување на двојното оданочување меѓу двете држави што дополнително придонесува за олеснување и поттикнување на можната соработка и трговската размената меѓу двете држави.

„Денес овде во Ријад Саудиска Арабија имав прием кај престолонаследникот на Кралството Саудиска Арабија со кого што разговаравме на повеќе теми, потпишавме и Договор за одбегнување на двојното оданочување помеѓу двете држави, а инициравме и потпишување на поголем број на други договори за кои што верувам дека во иднина ќе се развие комуникација и ќе се дојде до нивно потпишување. Разговаравме и на повеќе други теми, како политички, така и економски. Разговаравме и за можностите за инвестирање од страна на компаниите од Саудиска Арабија во Република Македонија. Имено, оваа држава практикува својот капитал да го дисперзира насекаде низ светот купувајќи акции, вложувајќи во различни инвестиции и градби итн, така што од тој аспект ја претставив Република Македонија како одлично место за правење на бизнис, како одлично место за инвестиции, кажав кои се компании доаѓаат во Република Македонија, за да го привлечам вниманието и на оваа држава односно вниманието на компаниите од оваа држава дел од својот капитал во иднина да размислат и да го инвестираат во Република Македонија”, изјави премиерот Груевски.

Истовремено, премиерот Груевски на средбата упати покана до престолонаследникот на Кралството Саудиска Арабија и неговите соработници да ја посетат Република Македонија. На средбата што се одржа присуствуваа повеќето од министрите од Кралството Саудиска Арабија, министерот за финансии, министерот за економија и земјоделие, и други министри и соработници.

„Ова е добра можност за да добро се престави не само политичката позиција и ориентација на Република Македонија и да се засилат нашите релации и односи, туку и да се претстави економската, инвестиционата бизнис можност што Република Македонија ја нуди за да се привлече капитал, инвестиции и да се отворат нови работни места во државата”, изјави премиерот Груевски.

Sredba Gruevski - Al Saud_2

Престолонаследникот на Кралството Саудиска Арабија Салман Бин Абдулазиз Ал–Сауд изрази подготвеност за соработка и продлабочување на взаемните односи.

„Ваквата посета придонесува за зајакнување и интензивирање на меѓусебната доверба и соработката. Саудиска Арабија е подготвена да соработува за различни проекти од областа на земјоделието, производството на храна, инфраструктурата, енергенсите. Истовремено, Саудиска Арабија ги поддржува и иницијативите за потпишување на договори со кои ќе се олесни и поттикне економската соработка и размена меѓу двете држави. Се надевам и на успешни бизнис форуми за што целосно ја имате поддршка на државните институции, но и волјата за поттикнување на соработката со приватниот сектор”, изјави Салман Бин Абдулазиз. Тој изрази подготвеност за продолжување на дипломатските средби и контакти во иднина.

Sredba Gruevski - Al Saud_3

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски ја продолжува својата посета на Кралството Саудиска Арабија, при што вечерва ќе присуствува на бизнис форум во главниот град Ријад кој што ќе се одржи во соработка со индустриската комора на Ријад, а утре ќе ја продолжи својата посета претставувајќи ги можностите за инвестирање во Република Македонија на бизнис форум во вториот по големина град во Саудиска Арабија, Џеда.