Груевски: Над 138 милиони денари инвестиравме само во патната инфраструктура во Охрид

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг во Охрид истакна дека и досега додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт за Охрид и охриѓани е направено многу и биле реализирани бројни проекти кои го подобриле животот на граѓаните.

-Германски Костал започна со работа. Ги прими првите вработувања, а до нова година ќе достигне до 200 вработувања. Планираат директни 1000 нови работни места, плус многу индиректни. ОДВ Електрик исто така и работи во моментов и гради нова фабрика. И двете ќе завршат со нови фабрики во слободната економска зона Охрид-Стуга со 2000 директни вработувања плус веројатно 1000 индиректни. Ќе продолжиме и со нови компании во Охрид, на што работиме во моментов, рече Груевски.

Тој посочи дека се инвестирани  над 138 милиони денари во реконструкција на локалните патишта во Охрид.

-Ја изградивме обиколницата во Охрид, а во делот на здравството комплетно е реконструирана и Општата болница во Охрид, за што инвестиравме околу 5 милиони евра. Набавивме најсовремена медицинска опрема во Општата болница во Охрид, Специјалната болница Св. Еразмо и Заводот за кардиоваскуларни заболувања во вкупна вредност од околу 3 милиони евра. Отворивме нов државен универзитет, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, во чиј состав функционираат 5 факултети и многу други проекти, кои се потврда дека ветеното го остваруваме, рече Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека нова програма на ВМРО-ДПМНЕ  е реална и содржи над 500 страници на конкретни проекти, мерки и чекори кои се однесуваат на отворање на можности и помагање на граѓаните.

-Ова е нашата програма. Нови проекти за Македонците, Албанците, Турците, Ромите, за Србите, Бошњаците, за Власите. Ова се новите проекти кои ќе ја придвижат Македонија напред. Конкретни дела кои се занимаваат директно со секојдневните проблеми на граѓаните и нудат решенија за нив.Отворање на нови работни места, зголемување на плати, пензии, социјална помош, субвенции во многу области, инвестиции, градење на инфраструктура сето тоа е содржано во нашата програма, рече Груевски.