Груевски: Над 30 странски компании донеле одлука да инвестираат во Македонија

Над 30 странски компании годинава имаат донесено одлука, а некои веќе инвестирале во Република Македонија, со што се отворени 11 илјади вработувања, а ќе се отворат и над 13 илјади нови директни вработувања. Шест нови компании имаат донесено интерни одлуки да инвестираат во Македонија. Ова го истакна премиерот Никола Груевски во обраќањето на денешната 15-та Годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО – ДПМНЕ.

Осврнувајќи се на сите досегашни странски компании кои веќе се присутни во Македонија и имаат отворено голем број работни места, потсети дека во последната година 17 странски компании донесоа одлуки и јавно објавија дека ќе инвестираат во Македонија, а во периодот по изборите дел од нив активно почнаа да работат, а дел веќе ги градат самите фабрики, како што се во Штип или „Диатек“ во Скопје. Компанијата „Веибо груп“, како што рече, информирала дека за две недели ќе започне да ја гради наредната фабрика во Ранковце, каде што планира да вработи 5.600 лица.

Покрај овие три компании, осум други по изборите, рече тој, објавија одлука дека ќе инвестираат, а две компании кои веќе работат во Македонија, најавија проширување на нивните инвестиции и капацитети.

– Со странските директни инвестиции од 2006 година досега се вработени директно 11 илјади лица, а во следните инвестиции кои се потврдени ќе се вработат најмалку директно нови 13 илјади лица, плус голем број индиректни вработувања. Овие инвестиции носат нови технологии, знаења, нови практики и повисока додадена вредност во бруто домашниот производ. Ова е начинот како да се надмине технолошкиот јаз, кој што постои помеѓу домашната и глобалата економија. Многу е важно домашните компании да станат што повеќе добавувачи и соработници и партнери во различни делови, кои овие компании засега ги нарачуваат од странство, рече Груевски.

Ефектите од приливот на странските инвестиции се многубројни, истакна премиерот, а резултатите се зголемување на физичкиот капитал, искористување на човечкиот капитал и намалување на невработеноста, што создава основа на зголемување на иновациите во економијата, кои се значајни.

Гасификацијата на Скопје, посочи, е во напредна фаза на подготовка, односно две компании веќе влегле низ конкурентен дијалог во финализирање на овој проект. Наскоро следи и секундарната гасификација на источна и западна Македонија.