среда, 7 декември 2016  |  Вести денес: 9

Груевски најави гасификација, нови подземни сообраќајници, комплекс клиники…

Освен целосна гасификација на Македонија со примарен гасовод на која веќе се работи и ќе ја дореализираме во наредниот мандат, во Скопскиот регион предвидуваме изградба на дистрибутивната мрежа за природен гас со проценета инвестициска вредност од околу 100 милиони евра само за Скопје, порача Груевски.

gruevski-miting

Последни вести

За Скопје, предвидуваме изградба на три подземни сообраќајници и тоа: Првата од раскрсницата кај Народна банка до Владата, втората е крстосница на две нивоа кај ТЦ Мавровка и Судска палата и третата е подземна сообраќајница кај Јужен булевар. Инвестицијата е околу 100 милиони евра, 90% од финансирањето ќе биде од државата, а 10 % од градот Скопје, воедно ќе набавиме и 50 електрични автобуси, најави на големиот митинг во Скопје лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Освен целосна гасификација на Македонија со примарен гасовод на која веќе се работи и ќе ја дореализираме во наредниот мандат, во Скопскиот регион предвидуваме изградба на дистрибутивната мрежа за природен гас со проценета инвестициска вредност од околу 100 милиони евра само за Скопје. Ќе се изградат околу 245 километри дистрибутивна мрежа со што граѓаните ќе добијат поевтини сметки, а компаниите помали трошоци и поевтин енергенс. Истото се планира и во другите градови во Македонија каде ќе има примарен гасовод, ќе се направи и секундарен гасовод, рече Груевски.

Во Скопје, рече Груевски, ќе изградиме целосно нов комплекс клиники „Мајка Тереза“. Оние сто ќе останат надвор од тој објект ќе се реновираат. Ќе се реновира Универзитетската клиника за кардиологија, реконструкции во Универзитетска клиника за инфективни болести, Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје, градската општа болница „8 Септември“, а ќе се реконструираат амбулантите во Сарај, Бардовци, Лисиче, Ѓорче Петров, Бутел, Карпош, Илинден, Шуто Оризари, Чаир и Влае. Ќе извршиме набавка на 1.317 нови најсовремени медицински апарати за здравствените институции со вкупна вредност од преку 13 милиони евра за здравствените установи во Скопје.

-Предвидуваме да ја основаме и изградиме ТИРЗ Скопје 3, а во рамките на ТИРЗ Скопје 2 ќе се формира слободна ИТ-зона која ќе биде наменета за компании кои ќе нудат услужни дејности и за компании од ИТ-индустријата. Предвидуваме отворање на 22 нови детски градинки проширување на 10  детски градинки, во други просторни услови на територијата на Град Скопје, со што ќе го зголемиме опфатот за преку 6000 деца.  Ќе изградиме два нови студентски домови во Скопје, Студентските домови ќе бидат со капацитет од 300 до 500 легла. Ќе се доврши започнатата реконструкција на студентскиот дом „Гоце Делчев. Ќе се доизградат новите објекти за потребите на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство и Факултетот за физичка култура, ќе изградиме нови современи објекти за Универзитет „Дамјан Груев“ и посебен за неговиот медицински факултет како и нов објект за Универзитет „Мајка Тереза“ и повторно ќе ја изградиме старата учителска школа за потребите на високото образование, рече Груевски.

Во спортскиот центар “Борис Трајковски”, додаде Груевски, ќе изградиме нов објект за Гимнастичка сала, сала за боречки спортови и затворена тениска арена со три терени. Ќе изградиме отворен базен во рамките на Аква-паркот, како и затворен пливачки базен во Аеродром и отворен пливачки базен во Шуто Оризари,како и 20 нови спортски сали, 12 повеќенаменски игралишта, 13 тениски терени, 36 кошаркарски игралишта, 2 фудбалско игралиште и 2 фитнес зони во вкупна вредност. Скопје ќе добие и импозантен амфитеатар на култура во Скупи, со капацитет од 9.000 седишта.

-Ќе обезбедиме и субвенционирање на греење со пелети, со што ќе има субвенции за купување печки на пелети, намалување на ДДВ-то за печките и пелетити, а ќе се субвенционира и инсталирање на системи за греење во големи објекти кои вршат јавни дејности. Предвидуваме субвенции за набавка на електрични возила, како и субвенции од 300 евра за вградување на плин со цел намалување на штетните издувни гасови. За сите оние кои што сакат да купат електричен автомобил, ќе ја намалиме цената на електричните автомобили преку ослободување од царина и намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5%. Дополнително, ќе субвенционираме купување електрично возило со доделување на неповратни 3.500 за возила до 20.000 евра и 5.000 евра за возила над 20.000 евра, во зависност од вредноста на возилото, а сопствениците на електрични возила нема да плаќаат паркинг, патарини и давачки за патишта при регистрација на возилата, рече Груевски.

Најчитани вести