Груевски најави нова американска инвестиција која ќе овозможи 400 нови вработувања

Американска компанија ќе инвестира во Македонија, најави денес премиерот Никола Груевски.

Груевски на денешната годишна Конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека договорот за новата американска инвестиција ќе биде потпишан кон средината на месецов.

– Наскоро, на 19 декември, ќе потпишеме нова инвестиција со позната компанија од САД и во светот за воздушни перничиња, со мошне висока технологија.  Ќе има минимум 400 директни вработувања, а инвестицијата е од 18 милиони евра, истакна премиерот Груевски, додавајќи дека на ова се работело речиси три години.

Компанијата ќе биде сместена во технолошко-индустриската зона во Скопје.

Тој изрази надеж дека до Нова година ќе биде во можност да објави уште најмалку една голема инвестиција во еден од поголемите градови во внатрешноста, каде, како што рече, досега не е изградена нова фабрика, а на што деновиве многу се работело и е во завршна фаза на реализација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.