Груевски најави нова мерка за млади: Вработување на 100-те најдобри студенти

Автоматско, законско, директно вработување на 100-те најдобри студенти на додипломски студии, најави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски во рамки на своето обраќање во Младинскиот Културен Центар каде промовира нови мерки за младите лица.

За два месеци излеговме со 14 значајни ветувања за младите, тие се нашиот фокус и еден од нашите најзначајни приоритети. Секоја инвестиција во младите луѓе е инвестиција во својата иднина и во обезбедување на капитал кој е трајна вредност која се исплати неколкукратно. Сите мерки и проекти стануваат реалност. Со нас знаете дека сте на сигурно и дека ветеното ќе го реализираме. Одмереноста е одлика на сериозноста со која ние постапуваме, но и искрениот однос кој го имаме. Денес дозволете да објавам нови проекти за младите кои имаат реална и конкретна вредност. Вработување на 100 најдобри студенти на додипломски студии, автоматско, законско, директно вработување. Најдобрите 100 веднаш по комплетирање на образованието ќе добијат работа и сигурна егзистенција, најсилен поттик на оние кои инвестирале во своето образование. Од секоја учебна година стоте најдобри кои дипломирале на државни универзитети во Македонија ќе бидат вработени во јавната администрација, акционерски друштва, рече тој.

Како што посочи, ќе биде утврдена посебна методологија за рангирање која ќе се врши врз основа на постигнатиот успех на студентот, исто така студентите ќе треба да поседуваат меѓународно признаен сертификат за познавање на еден од трите светски јазик, а како трет критерум ќе се земе брзината на завршување на студиите.

Во однос на бројот на студенти што ќе бидат вработени од секој од петте најдобро рангирани универзитети, како посебен критериум ќе се зема тоа колку високо е рангиран проектот. Односно, колку подобро е рангиран универзитетот, толку повеќе нивни студенти ќе се вработуваат. Така од прворангираниот универзитет ќе се вработуваат по 30 студенти, од вториот 25 итн.

Исто така, како критериум ќе се земе и тоа колку испити студентот има положено кај професор кој што има повеќе од два труда објавени во списанија со импакт фактор.

Проектот ќе се реализира во соработка со Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација, какои Министерството за образование на Република Македонија и ќе се применува од август 2017 година,а ќе се врши селекција еднаш годишно.

Инаку во изминатиот период, Груевски промовираше вкупно 14 мерки за млади, а денес беа промовирани уште 6 проекти. Со ова за два месеци се промовирани вкупно 20 проекти насочени кон младите лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.