Груевски најави реконструкција на болницата „Свети Еразмо“ во Охрид

Премирот Груевски од големиот народен собир во Охрид најави реконструкција на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“.

– Обезбеден е и нов апарат за компјутерска томографија и во тек е постапката за набавка на дигитален рендтген апарат за специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“. Денеска сакам да објавам дека ќе се отпочне со проект за целосна реконструкција, адаптација и доградба на објектот на оваа болница за што ќе бидат инвестирани околу 3.5 милиони евра. Во фаза е изработка на основен проект, а почетокот на првата фаза од градежните работи ќе започне наредната година – рече Груевски.

Во Охрид и регионот за инвестиции во здравството, изградба на објекти, и набавка нова современа опрема се вложени околу 11 милиони евра, од кој само во Охрид околу 6.5 милиони евра, со кои е извршена комплетна реконструкција и адаптација во Општата болница Охрид, извршена е и набавка на современи апарати за компјутерска томографија, најсовремени ЕХО апарати, апарати за анестезија, гастро кабинети, инкубатори и друга опрема. Во постапка е набавка на шест нови мамографи од кои еден ќе биде лоциран во болницата во Охрид.

– Исто така она што е значајно за овој регион е изградбата на новата болница во Кичево која е во тек. Проект со кој Кичево и регионот ќе добие нова современа општа болница со цел задоволување на потребите на над 80.000 жители, од огромно значење за жителите на Кичево и кичевско. Се реализира првата фаза, а денес можам да објавам дека до крајот на оваа година (декември) ќе се отпочне со реализација на втората фаза која комплетно треба да заврши кон крајот на 2016 година, проект во вредност од над 3 милиони евра. Во овој регион во здравството изминатите  години се вработија 157 лица, од кој 71 доктори. За подобрување на здравствената заштита и услуги во руралните средини овозможивме отворање на 8 нови рурални аптеки, а проектот рурален доктор се спроведува во 16 населени места во општината Дебарца- изјави денеска премиерот Груевски во Охрид.