Груевски најави трибини и во градовите низ Македонија

Многумина од вас си го поставуваат прашањето Дали е праведно ова што и се случува на нашата земја. Одговорот е – Не, не е праведно. Но што ни преостанува? Да молчиме и да тонеме во агонија на онеправденост или да се бориме. Да се бориме како што знаеме и умееме, со конкретни дела и со конкретни чекори, кои ќе значат подобар живот за граѓаните, подобри услови, повеќе можности.

Премиерот истакна дека со конкретни дела и проекти, нови работни места и позитивно делување ќе се борат за Македонија.

-Македонија го очекува тоа од нас. Сите граѓани го очекуваат тоа од нас. Да одиме од дом во дом, од куќа во куќа, од семејство до семејство, да разговараме, да им кажуваме дека зависи од сите нас. Да им ја кажуваме борбата која ја водиме, целта за која се бориме, да говориме за нашите конкретни проекти, конкретни дела, за нашата цел – повеќе работни места, добра инфраструктура, подобро образование, подобро здравство, повеќе пари за земјоделците, пензионерите, администрацијата, повеќе можности за невработените, поквалитетни услуги за студентите. Да говориме со енергија, со жар, со истиот оној жар со кој нашите предци ги водела идејата и ја пренесувале од човек на човек, рече тој.

Груевски потенцираше дека тоа е моментот во срцето што ќе не инспирира сите и што ќе ја движи Македонија. Тоа за некои е патриотизам, како што рече тој, а за некои е волја, желба, љубов, за некои должност и обврска.

-Тоа е во сите нас. Тоа тлее во сите граѓани на Македонија и затоа знам дека нема да успеат, затоа знам дека Македонија ќе биде посилна после сето ова, затоа знам дека тој што го наумил сето ова јако се излажал, силно не потценил сите нас, тој што го наумил сето ова не ја зел предвид љубовта на нашиот народ кон сопствената држава и иднина. Затоа ќе победиме! Сите граѓани ќе победат, рече Груевски.

Тој ги повика сите да станат, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, и сите останати.

-Станете на нозе, не чека поход, од град во град, не чека многу работа, многу нови проекти, многу нови моменти за гордост. Кренете ја главата и да покажеме сите дека Македонија е многу повеќе од она што сакаат да ја направат! Дека Македонија е многу поголема од ситните интереси на одредени луѓе и некои структури. Дека Македонија е многу посилна од разни сценарија и туѓи агенди! Дека ние, Македонците и сите граѓани во неа, сме храбри и честити луѓе! Дека нема да ја скршат Македонија, не во нашето време, не додека дише и последниот од нас и дека ќе работиме силно за иднините генерации да ја чувствуваат оваа наша енергија и сила и да ги води и нив, како што ние ја чувствуваме силата на нашите предци. Ова е Македонија и ние не се плашиме! Ова е Македонија и ние се бориме за неа со нашите дела! Луѓето ги гледаат нашите дела! Ја препознаваат нашата борба! Тоа е нашето вистинско лице! Нашите дела се нашата борба за Македонија! Тоа е мојот збор до сите вас! Тоа е мојот збор од Никола Груевски кого сите добро го познавате! Да живее Македонија! Да сте здрави и живи! Да биде вековита идејата, го заврши премиерот своето обраќање.