Груевски: Намерата е Талевски да биде жигосан по секоја цена, без докази

Што се однесува до последната одлука на СЈО за барање на куќен притвор за Владимир Талевски, јас ќе спомнам дека тој не е од вчера на политичката сцена. Тој беше во три мандати градоначалник на Битола гласан со огромно мнозинство од гласачите на општина Битола. Тој е човек кој многу направи за таа општина, многу проекти спроведе и немаше никаква црна дамка до сега. Никогаш не направил кривично дело, никогаш не направи чекор со кој ќе го наруши законот, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во Дневникот на Сител ТВ.

Она што му го измислија е од некоја електронска аукција дека имало повисока цена отколку на некои други електронски аукции за превоз, денес веќе наидува на потсмев затоа што деновиве излезе во јавноста дека цената што ја плаќаат други општини каде што градоначалници се луѓе од СДСМ вклучувајќи ја и општината Струмица, се повисоки од оние што се плаќале во Битола. За Талевски се изрече мерка домашен притвор, а за некои други како што е Зоран Заев кој кажа дека ниту го признава судството, ниту ќе се појавува на рочишта, изјави исто така дека кога ќе дошле на власт ќе ги сменеле сите судии и ќе си ги назначеле од почеток и така натаму, тие луѓе се на слобода, за нив нема куќен притвор и се е во ред во нивното работење иако плаќаат дупла цена за превозот, а за Талевски очигледно намерата е да биде жигосан, да биде искомпромитиран и тој лично и ние како структура каде што тој припаѓа. Работите се очигледни и народот тоа го гледа, неправдата постои, додаде Груевски.